Она што е страшно поразително за секоја држава е моментот кога граѓаните ќе ја загубат довербата во сопствените државни институции и ќе се исцрпи сета надеж дека работите можат да тргнат на подобро. Она што останува е здушно да се побара помош од надворешен фактор, или во нашиот случај од САД. Тоа е така бидејќи сите овие години домашните институции борбата со корупцијата ја водеа декларативно, само со арогантни изјави на лажна надеж, без да се преземе каква било акција конечно решително и реално да му се исечат краците на „октоподот“ што со децении ја држи Македонија во силна прегратка и не ја пушта да дише слободно и да чекори напред
Вербалните заложби на политичарите за борба со корупцијата се распрснуваат како меур од сапуница
Корупцијата и непотизмот системски го уништуваат македонското општество и ги намалуваат шансите за каков било успех на државата, луѓето живеат во стагнирачки општествено-економски тренд, деиндустријализација што повлекува невработеност и емиграција, а за оние што остануваат со елементи од заканувачки пад на стандардот. Поради тоа, единствен излез граѓаните гледаат во масовното иселување, бидејќи веќе им е кристално јасно дека оние што би требало да го заштитуваат општеството од корупција, всушност, ги затвораат очите пред грабежот и уништувањето на земјата.
За исклучително високото ниво на корупција во земјава одамна алармираат и САД, кои пред извесно време испратија специјален тим истражители што требаше да ги лоцираат извориштата на корупциските дејства. Поминаа неколку месеци, а очите на македонската јавност и натаму се вперени во стратегискиот партнер и неговата заложба да се стави под контрола оваа негативна општествена појава. Она што е страшно поразително за секоја држава е моментот кога граѓаните ќе ја загубат довербата во сопствените државни институции и ќе се исцрпи сета надеж дека работите можат да тргнат на подобро. Она што останува е здушно да се побара помош од надворешен фактор, или во нашиот случај од САД. Тоа е така бидејќи сите овие години домашните институции борбата со корупцијата ја водеа декларативно, само со арогантни изјави на лажна надеж, без да се преземе каква било акција конечно решително и реално да му се исечат краците на „октоподот“ што со децении ја држи Македонија во силна прегратка и не ја пушта да дише слободно и да чекори напред.
Стратегија за борба со корупцијата постои, зошто никој не ја спроведува?!
Најновата анализа на Државната комисија за спречување на корупцијата покажа дека реализација на мерките и активностите што се предвидени со националната стратегија за борба против корупцијата и судирот на интереси е очајна, односно само 10 отсто од активностите планирани со акцискиот план се завршени во 2022 година, т.е. од 165 предвидени активности се реализирани 17, во тек на реализација се 58, а 90 воопшто не се реализирани.
Причините за очајната реализација на стратегијата за борба со корупцијата се лоцираат во отсуство на интегритет, силно политичко влијание, непотизам, кронизам и клиентелизам, неказнивост, како и отсуство на транспарентност во постапките.
Кога нема волја да се спроведе никаква мерка од националната стратегија за борба со корупцијата, тогаш апсурдно е да се очекува дека државата воопшто ќе напредува во преговарачкиот процес со Европската Унија, бидејќи токму справувањето со корупцијата и владеењето на правото се круцијални во преговорите.
– Сметам дека несериозно се гледа на целата оваа работа, и на стратегијата и на корупцијата што е присутна од страна на институциите. Таму имаме чести промени на раководната структура, имаме промена на министри, неколку се смениле откако е донесена стратегијата, сето тоа е еден дисконтинуитет. Од друга страна, имаме недостиг од професионална администрација повторно како резултат на вработувањата по партиски клучови и злоупотреби на дискрециските права и сето тоа создава еден вакуум-простор, кој дава вакви резултати – вели Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Според неа, за да има вистинска борба со корупцијата, потребно е вклучување на целото општество.
– На сите треба да им е јасно дека борбата против корупцијата не зависи од еден човек, една институција, од совесни граѓани, истражувачки новинари. Борбата со корупцијата треба да ја води целото општество, дотолку повеќе што билатералниот скрининг започнува со борба со корупција и така и ќе заврши. Додека тие не видат напредок, нема ништо. Сега ни испратија и нови дополнителни прашалници – појаснува Ивановска.
Ризик-фактори што ја потхрануваат корупцијата во државата
Претседателката на ДКСК прецизно ги лоцира ризик-факторите што со години ја потхрануваат корупцијата во државата и придонесуваат таа да се рашири во огромни размери.
– Најсилниот фактор за корупција е политичкиот фактор. Потоа доаѓа неказнивоста, што значи треба да постои казнивост. Следува нетранспарентноста, односно нивото на транспарентност на институциите не е на задоволително ниво бидејќи транспарентноста е најдобар борец против корупцијата. Она што е многу важно, тоа е интегритетот, мислам дека секој треба да поработи на својот интегритет, бидејќи со тоа ќе влијае и врз институционалниот интегритет, а со тоа и воопшто на интегритетот во државата. Исто така, еден од ризичните фактори е злоупотребата на дискрециските права. Сето тоа се начини на кои се манифестира корупцијата во државата. Кога ќе ги намалиме овие фактори, кога ќе успееме да го дигитализираме општеството, тогаш работата значително ќе се смени. Поедноставно кажано, треба да се тргне политиката од професионалците, да се обезбедат повисоки плати за ИТ-секторот што работи во управата и државните институции, бидејќи ние немаме ИТ-експерти, а сакаме дигитализација – истакнува Ивановска во јавноста.
Според неа, борбата со корупцијата треба да ја водат оние што владеат со државата, бидејќи тие ги имаат сите институционални алатки за тоа.
– Сè почнува од оној што е на власт, тој ја има моќта. Тој ја креира политичката клима на државата, политичката волја – порачува Ивановска.
Познавачите на состојбите сметаат дека граѓаните се тие што цело време алармираат за високото ниво на корупција, но дека нема никаков одглас од другата страна, од оние што треба да ја спречуваат и да се борат против оваа појава.
– Граѓаните ја истакнуваат корупцијата како еден од најголемите проблеми на нашето општество, но кога веќе 31 година не се случува никаква промена на тоа поле, луѓето почнуваат да веруваат дека тоа не може да се промени и дека корупцијата е зацементирана. Политичките елити не сакаат никакви промени, а уште помалку борба со корупцијата. Македонија под притисок на ЕУ постави некаква законска рамка, воспостави превентивни тела за борба со корупцијата, но сите тие ги остави и со малку средство и со малку луѓе, но и со ингеренции што не се целосни. Институциите немаат законска можност да постапуваат освен да забележуваат каде има корупциски дејства и да го информираат обвинителството, кое потоа, особено кога станува збор за претставници на власта, никогаш не постапува. Затоа впечатокот што го добиваат граѓаните, кој всушност е вистински, е дека борба со корупцијата во Македонија практично нема – велат соговорниците.
Според нив, самиот систем, вака како што е поставен, всушност ја стимулира корупцијата и затоа сите се борат да влезат во политиката за што полесно да ги остварат личните интереси.
– Системот е направен така политиката да контролира сè и самиот систем ги поттикнува корупциските дејства и редица други неправилности во работењето. Во Македонија мора да имате политичка врска за вработување на какво било ниво, почнувајќи од хигиеничарка до директор, додека обичните граѓани, кои не се партиски определени, едноставно не можат да живеат од својот труд или знаење. Обичните луѓе бараат борба со корупцијата, реформи, подобар живот, но гледаат дека тоа го нема и едноставно масовно се иселуваат во општества каде што се случуваат реформи и каде што постои вистинска борба против корупцијата – заклучуваат соговорниците што подолго време ја следат оваа проблематика.