На годинашниов ИКАС настапија околу 150 натпреварувачи од Македонија, Казахстан, Србија, Хрватска, Турција, Грција, БиХ и од Косово

НА 54-ОТ ИЛИНДЕНСКИ КАЈАК-СЛАЛОМ

Македонскиот кајакар Ангелче Петрушев од ККК Вардар од Велес го освои првото место во дисциплината К1-слалом на 54-то издание на традиционалниот меѓународен Илинденски кајак-слалом, ИКАС 2023, кој се одржа на Матка, крај Скопје.
Од македонските претставници петти беше Стефан Рибарски од ККК Вардар, седми прославениот македонски олимпиец Атанас Николовски од ККК Илинден 90, а деветти Борче Мирчевски од ККК Бабуна, во конкуренција на 46 натпреварувачи. Во женска конкуренција прва беше Дарија Чешуина од Казахстан.
Во дисциплината Ц1-кану победи Александар Куликов од Казахстан, а Македонецот Роберт Папазов од ККК Бабуна помина осми низ целта. Во дисциплината Ц2-кану мажи победија Грците Јоанис Закос и Киријакос Дерматис. Во дисциплината Ц1-жени, патеката најбрзо ја помина Анастасија Ананејева од Казахстан.
На годинашниов Илинденски кајак-слалом настапија околу 150 натпреварувачи од Македонија, Казахстан, Србија, Хрватска, Турција, Грција, БиХ и од Косово. Г.И.