Џон Мекгаверн – капитен на славната генерација на Нотингем форест

Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди и трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини. На оваа необична листа е и плејмејкерот од Шкотска, Џон Мекгаверн, кој, меѓу другото, како капитен на англискиот Нотингем форест двапати беше европски шампион

ТРОФЕЈНИ ЛЕГЕНДАРНИ ФУДБАЛЕРИ БЕЗ НАСТАП ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА (4)

Многу фудбалери сезонава ќе играат за освојување на големиот трофеј во Лигата на шампионите, повеќето од нив веќе го освоиле барем еднаш, некои ќе играат и за рекорден шести таков пехар, а многумина од нив имаат и трофеи или значајни успеси со своите репрезентации. Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите и со сосема поинаков систем на натпревари, но, секако, натпреварување за европската клупска титула) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди и трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација, од разни причини.
Меѓу нив има, на пример, и тројца трикратни европски прваци, но и други фудбалери што биле клупски шампиони на Европа и на светот, најдобри стрелци во некои од најсилните домашни фудбалски првенства во Европа, младински континентални прваци со соодветните репрезентации…
Во претходните неколку продолженија ви ги претставивме голманот Хенц Стај (78) од Холандија и одбранбениот фудбалер Хорст Бланкенбург (75) од Германија, двоецот од славните денови во 1970-тите години на холандски Ајакс, со кој трипати беа европски прваци, како и уште еден трикратен европски шампион, Германецот Бернд Дирнбергер (69), дефанзивен играч од средниот ред на германски Баерн, но всушност универзален фудбалер.
На оваа необична фудбалска листа е и, на пример, еден двократен континентален клупски првак, плејмејкерот од Шкотска, Џон Мекгаверн (73). Тој во двата случаја го освои вредниот трофеј како капитен на англискиот клуб Нотингем форест, прво во 1979 година, по победата во финалето на натпреварот со шведски Малме, со 1-0, и потоа во 1980 година, по триумфот на мечот со германски Хамбургер, исто така со 1-0. Мекгаверн еднаш победи со Нотингем форест и во европскиот Суперкуп, со вкупен резултат 2-1, по двата натпревара со Барселона од Шпанија.
За време на неговата играчка кариера тој, на пример, се пласира во погорен ранг на натпреварување со Хартлипул, Дерби каунти и со Нотингем форест. Мекгаверн работеше со славниот тренер Брајан Клаф во четири клуба, Хартлипул, Дерби каунти, Лидс јунајтед, како и Нотингем форест, каде што освои речиси сѐ. Мекгаверн беше првак на Англија и со Дерби каунти, а со Нотингем форест покрај домашната титула освои и два Лига-купа, еден Суперкуп на Англија… и беше капитен на Нотингем форест во текот на овој период на успеси. По Нотингем форест, Мекгаверн настапуваше уште и за Болтон, каде што подоцна ја почна тренерската кариера.
Тој одигра вкупно над 650 натпревари за првите тимови на сениорски екипи во текот на својата 19-годишна кариера и има два настапа за репрезентацијата на Шкотска за фудбалери до 23 години. И покрај тоа што оствари толку успеси, Мекгаверн никогаш не настапи за сениорската репрезентација на Шкотска.
– Ќе одев пеш бос по автопат преку скршено стакло за да одиграм еден меч за Шкотска. Знам дека имаше период кога играв добро, но, да не ме разберете погрешно, имаше голема конкуренција, Вили Кар, Аса Хартфорд, Греам Сунес, Арчи Гемил, Брус Риок, Били Бремнер…, листата беше бесконечна. Само посакував да имам еден натпревар, бидејќи тоа ќе беше најгордиот момент во мојот живот – вели Мекгаверн, амбасадор на Нотингем форест.
Тој е еден од двајцата фудбалери од Шкотска што со клуб станале европски прваци, а никогаш не настапиле за сениорската селекција (Кен Мекнот е европски шампион со англискиот клуб Астон вила од 1982 година, кој го одигра целиот натпревар во финалето со Баерн, 1-0). Мекгаверн беше примен во шкотската фудбалска куќа на славните во 2017 година. Г.М.

(продолжува)

Идната недела: Најдобар млад европски фудбалер, трикратен континентален првак