Огромен успех за Македонија и за македонскиот шах е што ја добивме довербата од ФИДЕ за организација на ова СП, и по 50 години, односно по ШО во Скопје, повторно да имаме настан од светски размери, вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски

ФИДЕ

Македонија ќе биде домаќин на 31-то екипно Светско првенство (СП) за шахисти над 50 години и СП за играчи над 65 години, кое ќе се одржи во Струга, од 19 до 29 септември годинава. Ова е уште еден голем успех на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), која ја доби организацијата во конкуренција на Италија, Тајланд и Малта. Македонија многупати во минатото се покажала како одличен домаќин и организатор на многу шаховски турнири од највисок калибар, како што се Шаховската олимпијада (ШО) во 1972 година, турнирите Средба на солидарноста, Европското поединечно првенство (ЕП) во 2001 и во 2019 година, трипати (2009, 2015, 2021) на Европскиот клупски куп (ЕКК), ЕП во забрзан и во брз шах (2018 година)…
– Огромен успех за Македонија и за македонскиот шах е што ја добивме довербата од Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за организација на ова СП, и по 50 години, односно по ШО во Скопје, повторно да имаме настан од светски размери, а добиен директно од ФИДЕ. Ова истовремено е уште еден доказ дека она што ШФМ го работела во изминатиот период, како и сите оние контакти што ги остваривме со видни шаховски луѓе од ФИДЕ, дадоа позитивен резултат. Очекувам во Струга да дојдат околу 500 шахисти од целиот свет – ни изјави членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски.
Екипното СП се игра со класично темпо на размислување на по четири табли со една резерва. Ако има повеќе женски селекции, ќе има посебен турнир, а ако нема тогаш тие ќе играат заедно со машките репрезентации. Лани ова СП се одржа во Италија. На СП над 50 години (настапија 50 селекции) и на СП над 65 години (23 селекции) триумфираа репрезентациите на Англија. Г.И.