Непомнијашчи и Лирен одиграле вкупно 73 меѓусебни партии во сите категории, а Русинот води со 43-30 (3-2 и девет ремија во класичен шах, 4-2 во забрзан, 4-1 и две ремија во брз шах и 26,5-19,5 во онлајн партии). За светската титула ќе се играат 14 партии, а ако биде нерешено следува тајбрејк со партии со забрзано темпо

УТРЕ ВО АСТАНА ПОЧНУВА МЕЧОТ ЗА ПЛАНЕТАРНАТА ТИТУЛА

Со првата партија од предвидените 14, утре во Астана (Казахстан), почнува мечот за титулата светски шаховски првак помеѓу Русинот Јан Непомнијашчи (2.795 рејтинг-поени, моментно втор во светот) и Кинезот Динг Лирен (2.788, рангиран трет), откако досегашниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, одлучи повеќе да не ја брани титулата, која ја освои во 2013 година и ја одбрани четири пати.
Сите партии почнуваат во 11 часот по средноевропско време, а на секои две кола има еден ден одмор. Временската контрола е 120 минути за првите 40 потези, плус 60 минути за следните 20 и 15 минути до крајот на мечот, плус 30 секунди по секој потег, почнувајќи од 61-от. Ако биде нерешено по 14 партии, се игра тајбрејк со партии со забрзано темпо. Наградниот фонд е два милиона евра, од кои шампионот ќе добие 60 отсто, а поразениот 40.
До лани Непомнијашчи (32) и Лирен (30) одиграле вкупно 73 меѓусебни партии, а Русинот води со 43-30. Од нив, Непомнијашчи во класичен шах добил три партии, загубил две, а девет завршиле со реми. Во забрзан шах води Непомнијашчи со 4-2, во брз шах со 4-1 и имаат две ремија, а во онлајн партиите води со 26,5-19,5 поени. Последната класична партија меѓу двајцата е одиграна на Турнирот на кандидатите лани и заврши без победник.

НЕПОМНИЈАШЧИ – ЧУДО ОД ДЕТЕ НЕ САМО ВО ШАХОТ

Непомнијашчи е дипломиран новинар, а шах научил да игра на четири години од својот дедо. Израснат во семејство на учители, тој бил чудо не само во шахот туку и во други области и игри, освојувајќи неколку студентски награди и медали. Наклонет е кон неконвенционални потези, што му овозможува да внесе свеж дух на која било позиција на таблата. Овој квалитет и неговите длабоки и прецизни способности за пресметување го прават опасен противник. Велемајстор (ВМ) стана во 2007 година, а во февруари годинава, неговиот рејтинг од 2.795 е негов највисок и е моментно втор во светот. Во комбинација со искуство од претходниот меч со Карлсен, кој го загуби, тој е подготвен за нов обид да ја освои светската шаховската круна.

ЛИРЕН – НАЈМЛАДИОТ КИНЕСКИ ВЕЛЕМАЈСТОР

И покрај несигурниот почеток на Турнирот кандидатите во 2022 година, Лирен по вториот дел од турнирот го освои второто место. Тоа му донесе квалификации за мечот по повлекувањето на Карлсен од одбрана на титулата. Најсилниот кинески играч во историјата е роден во 1992 година во Венџоу, родниот град на првиот кинески ВМ, Је Ронггуанг, и на поранешната светска шампионка, Жу Чен. Тој е најмладиот кинески шампион (на 16 години) и ВМ, двете пред 14 години. Во 2018 година ја проби бариерата од 2.800 поени, и е првиот Кинез, а 14-от шахист во светот кому му успеало тоа. Тој беше и втор на светската ранг-листа, а највисокиот рејтинг (2.816) го постигнал во ноември 2018 година. Во 2022 година осум месеци имал рејтинг над 2.800 поени (2.806-2.808), а во годинава во јануари 2.811. Квалитетот на Лирен е докажан со серијата од 100 партии без пораз (2017-2018), а која ја прекина само Карлсен во 2019-та. Се одликува со цврст и борбен стил на игра.

ДОСЕГА 20 ШАХИСТИ БИЛЕ СВЕТСКИ ПРВАЦИ

Досега светски шаховски прваци во мечеви во организација на ФИДЕ биле дваесетмина, и тоа Вилхелм Штајниц (1886-1894), Емануел Ласкер (1894-1921), Хозе Раул Капабланка (1921-1927), Александар Аљехин (1927-1935), Макс Еве (1935-1937), Александар Аљехин (1937-1946), Михаил Ботвиник (1948-1957), Василиј Смислов (1957-1958), Михаил Ботвиник (1958-1960), Михаил Таљ (1960-1961), Михаил Ботвиник (1961-1963), Тигран Петросјан (1963-1969), Борис Спаски (1969-1972), Роберт Фишер (1972-1975), Анатолиј Карпов (1975-1985), Гари Каспаров (1985-1993), Анатолји Карпов (1993-1999), Александар Халифман (1999-2000), Вишванатан Ананд (2000-2002), Руслан Пономарјов (2002-2004), Рустам Касимџанов (2004-2005), Веселин Топалов (2005-2006), Владимир Крамник (2006-2007), Вишванатан Ананд (2007-2013) и Магнус Карлсен (2013-2023). Г.И.