Актуелното судење на поранешните косовски борци на ОВК пред Хашкиот трибунал, кои во периодот од две децении од наведените злосторства во обвинението беа и на (нај)високи државни функции на Косово, секогаш неодминливо ја активира паралелата за четирите т.н. хашки случаи за злосторствата против човештвото, сторени во 2001 година од „филијалата“ на ОВК во земјава – ОНА, кои се ставени ад акта во македонското правосудство преку Законот за амнестија и едно автентично толкување. Но правните експерти потсетуваат дека „ако македонски суд одлучи да не постапува по одредени предмети, тоа не е гаранција дека Меѓународниот суд ќе се согласи со оваа одлука!“

Почетокот на судењето на косовските челници на ОВК потсетува на незастареноста за Хашките случаи во Македонија

Оваа седмица, во понеделникот на 3 април, започна судењето во Хаг за воени злосторства на бившиот герилец и претседател на Косово, Хашим Тачи. Специјалниот суд за воени злосторства на Косово, со седиште во градот Ден Хаг, во ноември 2020 година подигна обвинение против Тачи за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи и прогон, убиства, измачување, присилно исчезнување на лица и други злосторства направени во текот на борбата за независност на Косово. Освен Тачи, со истото обвинение се опфатени и неговите најблиски соработници: Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, од кои двајца биле поранешни претседатели на косовскиот парламент.
Специјалниот суд за Косово е основан во 2015 година и исклучиво се занимава со случаите против бившите герилци на ОВК. Седиштето му е во Хаг, а судиите и обвинителите се меѓународни. На почетокот на судењето, бившиот претседател на Косово се изјасни дека не е виновен по сите точки од обвинението, но веднаш по подигнувањето на обвинението, тој поднесе оставка од функцијата претседател на државата и се јави во притворската единица на судот во Хаг.
Сите четворица за кои се води судскиот процес во Хаг се обвинети за „здружен злосторнички потфат, во рамките на кој се изведени масовни, системски напади“ на српски цивили на Косово и на косовски Албанци што биле политички противници на ОВК.

Злосторствата на ОВК во Косово наведуваат на нерешените злосторства на ОНА во Македонија од 2001 година

Иако навидум „правно покриени“ и амнестирани, „хашките случаи“ извршени за време на оружениот конфликт во 2001 година, претставуваат товар на македонското општество поради фактот што никој нема понесено одговорност за воените злосторства што не застаруваат. Особено е контроверзно што главните осомничени за овие случаи дури се на клучни политички функции во државата и имаат речиси пресудно влијание за политичките текови, како на внатрешен така и на надворешен план.
Станува збор за четири судски предмети, кои во 2008 година беа вратени од Хашкиот трибунал во Македонија, за да бидат процесирани во домашното правосудство. Делата што беа (се) предмет на судскиот интерес се однесуваат на: тринаесеттемина киднапирани Македонци од страна на ОНА, затворањето на вентилите од Липковско Езеро и водата за кумановци, малтретирањето на градежните работници од ГП „Маврово“ и за делата на командна одговорност на раководството на ОНА. Сите (зло)дела се сторени за време на конфликтот во Македонија во 2001 година, кои имаат тежина на злосторства против човештвото и никогаш не застаруваат. Сепак, овие случаи беа затворени без судски процес, преку Законот за амнестија, кој беше донесен на 8 март 2002 година. Со него се ослободија од гонење, се запреа кривичните постапки и целосно се ослободија од извршување затворска казна лицата за кои постоеше сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година. Дополнително, откога предметите од Хаг неколку години подоцна беа вратени во Македонија, во 2011 година, со т.н. автентично толкување на законот, се обезбеди и амнестија за одговорните осомничени за воено злосторство.
Но актуелното судење на поранешните косовски борци на ОВК во Хаг, кои во периодот од две децении од наведените злосторства во обвинението беа и на (нај)високи државни функции на Косово, секогаш неодминливо ја активира паралелата за потребата од активирање судска постапка во Македонија за четирите т.н. хашки случаи за злосторствата против човештвото, сторени во 2001 година од „филијалата“ на ОВК во земјава – ОНА. Исто така ја остава отворена можноста во одредена точка во иднината да следува сличен процес пред меѓународна судска инстанца и за ОНА во Македонија, која имаше врски со косовската организација. Судењата против лицата обвинети за воени злосторства и за злосторства врз човештвото правниците ги викаат „универзална надлежност на државите“. Со оглед на меѓународно усогласениот правен принцип дека воените злосторства и злосторствата против човештвото не застаруваат, не смее да се исклучи опцијата овие случаи повторно да се активираат, односно да се извршат судски процеси во домашните кривични процедури на земјата. Но исто така, правниците од меѓународен углед ја наведуваат и втората моќност, тоа да се спроведе преку надлежноста на меѓународен трибунал, што во суштина е практика на Балканот, бидејќи земјите немаат капацитет да ја спроведат правдата.

Сведоците на Хашкиот трибунал се под ризик лесно да станат и обвинети

Во подготовката на обвинението против лидерите на косовската ОВК, на 2 и 3 септември во 2020 година, лидерот на партијата во Македонија, ДУИ и некогашен командант на ОНА, Али Ахмети, даде свој исказ пред хашките обвинители во Приштина. Според она што Ахмети го изјави тогаш за македонската јавност, тој дал исказ во својство на сведок, како еден од основачите на ОВК во периодот од 1998 до 2000 година, но не можел да даде повеќе информации до завршувањето на процесите пред Меѓународниот трибунал.
Сепак, уште тогаш, во 2020, кога Али Ахмети се соочил со обвинителите од Хашкиот трибунал, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, ја стави под прашање неговата изјава дека говорел во својство на сведок. Таа укажа дека давањето исказ пред обвинителите од Хаг не е исто со тврдењето дека говорел во својство на сведок. Во тој контекст, судијката Цаца Николовска наведе дека кога станува збор за воени злосторства што не застаруваат, сведоците можат да бидат и обвинети, доколку собраните докази во текот на истрагата укажат на тоа.
– Поаѓајќи од оваа состојба, кога говориме за тешки кривични дела, како оние за воените злосторства, кои патем никогаш не застаруваат, не би ме изненадило воопшто во некоја понатамошна точка Ахмети да се најде на обвинителна клупа – вели Цаца Николовска.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, објасни тогаш дека оваа своја констатација ја гради врз неколку причини.
– Првата, бидејќи во поканата од Хаг не се наведува како што е повикан поканетиот и не се наведува статусот. Откога тој дава исказ пред судиите, натаму се одлучува што понатаму со одреденото лице. Досега имало ситуации кога сведокот станува обвинет во хашки процес. Не можам да прејудицирам ништо, но факт е дека Меѓународниот суд многу сериозно пристапува кон овие поврзани предмети – објаснува судијката.
Натаму, според правната експертка, логично е да се претпостави дека е можно настаните што сега ги опфаќаат лидерите на ОВК поврзани со Хаг во скора иднина да се отсликаат и во Македонија или да се спојат со предметите на оние на ОНА, бидејќи и самиот Ахмети во неколку пригоди јавно изјавува дека помагал во борбата за ослободување на Косово.
Според судијката, кога говориме за оваа врска, пред сѐ мислиме за предметите што се воени злосторства сторени во Македонија за време на кризата во 2001-та, односно четирите хашки случаи што од Меѓународниот суд дојдоа во македонските судови.
Таа вели дека политичките власти во минатото на оваа тема еднострано одлучија случаите да не се процесираат, иако никогаш во домашните судници не се утврди дали овие предмети беа „умрени или живи“, односно дали за нив „стоеше сторено кривично дело или не“.
Според Цаца Николовска, ако македонски суд одлучи да не постапува по одредени предмети, тоа не е гаранција дека Меѓународниот суд ќе се согласи со оваа одлука!