Русија ќе мора да преземе контрамерки во врска со приемот на Финска во НАТО, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
-Кремљ смета дека ова е уште една ескалација и дека проширувањето на НАТО е закана за нашата безбедност и за интересите на Руската Федерација. Ќе преземеме контрамерки за да ја обезбедиме сопствената безбедност и тактички и стратешки – предупреди Песков, нагласувајќи дека Русија ќе одговори како што ѝ одговара, пренесе ТАС С.
Песков рече дека руската армија за се навремено ќе ја информира јавноста.
-Внимателно ќе го следиме развојот на настаните во Финска и ќе видиме како северноатлантскиот блок ќе ја користи територијата на Финска во врска со распоредувањето на оружје, системи и инфраструктура во близина на нашата граница, што потенцијално претставува закана за нас – рече Песков, додавајќи дека соодветно ќе се преземат мерки.
Според него, ситуацијата во Финска е суштински различна од ситуацијата во Украина.
– Прво, Финска никогаш не била антируска и немавме спорови со Финска- рече Песков.
Тој нагласи дека со Украина работите се сосема спротивни и дека ситуацијата таму е потенцијално поопасна.
– Затоа моравме да извршиме специјална воена операција за да ги постигнеме сите цели што ги поставивме – заклучи Песков.