ЕЛ ја поддржува УЕФА во организацијата на куповите и го дели важниот принцип на УЕФА за заштита и за унапредување на натпреварувачката рамнотежа во европскиот фудбал, пишува, меѓу другото, во соопштението на Европската лига (ЕЛ), по шпекулациите за формирање суперлига
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, изјави дека додека тој е прв човек на УЕФА ќе се „бори против“ идејата за формирање европска суперлига, пренесе ЕСПН.
Минатата недела германскиот магазин „Шпигел“ објави дека елитни европски фудбалски клубови наводно разговарале за формирање суперлига од 2021 година. Според најавите, тоа би била затворена и лига во која повеќето клубови би биле изземени од испаѓање.
– Ќе му наштети на фудбалот во светот. Ќе биде здодевна. Да се гледа Јувентус – Баерн секоја недела ќе биде поздодевно од, да речеме, Јувентус – Торино. Нема дилема дека ќе направам сѐ против таква лига, додека сум тука. Ако зборуваме за затворен систем, ќе треба да заборавиме на системот на солидарност и на развојот на фудбалот. На долги патеки, клубовите ќе бидат тие што ќе загубат – ја пренесе ЕСПН изјавата на Чеферин.
Претпоставената суперлига би имала „сериозно влијание“ врз професионалниот фудбал во Европа, велат од Здружението на европските лиги (ЕЛ), пренесе „Ројтерс“. ЕЛ претставува 25 национални првенства, меѓу кои и англиската Премиер-лига, шпанската Ла лига и германската Бундес-лига, изрази „силно противење“ на еден таков план за суперлига, пишува „Ројтерс“.
– ЕЛ постојано е против формирање каква било затворена суперлига. Домашниот фудбал е срцето на играта низ цела Европа. Предлозите за затворена суперлига ќе имаат сериозни импликации на долги патеки за одржливоста на професионалниот фудбал во Европа. ЕЛ ја поддржува УЕФА во организацијата на Лигата на шампионите и на Лига Европа и го дели важниот принцип на УЕФА за заштита и за унапредување на натпреварувачката рамнотежа во европскиот фудбал – пишува, меѓу другото, во соопштението на ЕЛ.