На сите активности им претходеше кампања, организирање шест инфоденови во средните и основните училишта, при што беа опфатени над 200 ученици

Финале на проектот „Реупотреба на стар мебел и текстил“

Завршниот дел од проектот „Реупотреба на стар мебел и текстил“ се случи минатата недела во музеј-галеријата во Кавадарци. Станува збор за изложба на која беа изложени експонати изработени од учениците од средното земјоделско шумарско училиште СОЗШУ „Ѓорче Петров“, со помош на нивните ментори. Мотото на активностите беше „Намалување на отпад од мебел, дрвен отпад и текстил преку негова реупотреба и зголемување на социјалната вклученост во општината Кавадарци“, а беа ангажирани претставници на Здружението за заштита и унапредување на животната средина „Екоживот“- Кавадарци, во соработка со Општина Кавадарци и ЈП „Комуналец“. Проектот е финансиран од Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд, здружението „Екоживот“ од Кавадарци, СОЗШУ „Ѓорче Петров“ и Општина Кавадарци.

Основната цел на проектот е намалување на отпадот од мебел и текстил на депониите и јавните површини, а со тоа и на негативното влијание на овој отпад, конкретно со воспоставување центар за реупотреба, за собирање и селекција и за преработка на мебел и реупотреба на текстил во декоративни елементи за мебелот. Се очекува на овој начин да се зголеми свеста кај граѓаните, локалните институции и бизнис-заедницата за позитивните ефекти по животната средина и животниот стандард на граѓаните, особено на ранливите групи граѓани во општината Кавадарци.
Проектот трае речиси цела година, а во изминатиот период беше набавена опрема, во два наврата беа обучени учениците да поправата и креираат мебел, како и да изработуваат декорации за мебел и за домот од стар текстил. На сите овие активности им претходеше кампања, организирање шест инфоденови во средните и основните училишта, при што беа опфатени над 200 ученици. Со помош на Општината и ЈП „Комуналец“ се создаде систем за собирање стар мебел, кој подоцна ќе се преработи во нов за време на обуките и ќе им се донира на селектирани граѓани. За таа цел беше креирана онлајн форма објавена на фејсбук-страницата на проектот и на Општина Кавадарци, но беше ставен на располагање и бесплатниот телефонски број 13 300, на повикувачкиот центар на Општина Кавадарци за граѓаните што не се во можност да ја пополнат онлајн формата.

Во соработка со обучени лица и активисти на „Екоживот“ беа креирани пет видеотуторијали за реупотреба на стар мебел и текстил, кои се достапни на фејсбук-страницата на проектот и на јутјуб-каналот. Последната фаза од проектот изложбата во музеј-галеријата овозможи да се изложи само дел од подготвените експонати и парчиња мебел. Меѓутоа со оваа изложба, „Екоживот“ заедно со учениците од „Ѓорче Петров“ испрати многу убава и хумана порака во полза на зачувувањето на животната средина. Покрај маси, столчиња, клупи, комоди, наткасни, полици и мебел наменет за двор или градина, тие подготвуваат и куќички за бездомни кучиња.


Конкретни цели на проектот

– Воспоставен центар за реупотреба за собирање, селекција и преработка за реупотреба на мебел и реупотреба на текстил во декоративни елементи за мебелот.
– Зголемување на свеста на граѓаните, локалните институции и бизнис за позитивните ефекти на циркуларната економија, со акцент на реупотребата, по животната средина и животниот стандард на граѓаните, особено ранливите групи граѓани во општината Кавадарци.
– Зајакнување на капацитетите на организацијата за продолжување со активностите за собирање, селекција и реупотреба на мебел и текстил, како и достава на преработени работи за реупотреба до семејства од социјален ризик.


Спроведени активности

• Активност 1: Прес-конференција за почеток на проектот.
• Активност 2: Кампања за издигање на свеста за совесно управување со отпад од текстил и мебел и примена на реупотребата во секојдневниот живот на територија на општината Кавадарци.
• Активност 3: Инфоденови со учениците од основните и средните училишта во општината Кавадарци: беа спроведени шест инфоденови во основните и средните училишта во Кавадарци, со повеќе од 200 ученици.
• Активност 4: Создавање одржлив систем за управување со отпад од мебел и текстил.
• Активност 5: Обуки за реупотреба на мебел.
Обуките за реупотреба на мебел и текстил се спроведоа во два циклуса: првиот циклус во периодот мај-јуни 2022 година и вториот циклус во периодот од октомври 2022 до јануари 2023 година, во соработка со СОЗСУ „Ѓорче Петров“ – Кавадарци. Обуките беа составени од два дела: обука за реупотреба на мебел, спроведувана од три професори од училиштето во работилницата на училиштето, и обука за реупотреба на текстил за примена на мебел, спроведувана во просториите на НВО-инфоцентарот од страна на две модни дизајнерки.

Фото: Тони Коцев