Фото: Игор Бансколиев

Изминатите три децении низ безброј примери се потврди дека судството во земјава целосно им потклекна на политичките елити. Граѓаните имаат силен впечаток дека судството се користи исклучиво како обична алатка на секоја власт за пресметка со неистомислениците. Политичарите беа тие што ги кроеја и продолжуваат да ги кројат судските реформи по сопствена желба и замисла, без притоа да бидат вклучени луѓе од фелата што најдобро знаат како да се дистанцира судството од политиката и да почне да функционира во согласност со надлежностите што ги има како трета власт во државата, да го спроведува правото

Повод: Што се случува кога политиката се обидува да се вмеша во судството на Израел

Владеењето на правото е клучниот фактор од кој најмногу би требало да зависи колку брзо ќе напредува Македонија кон Европската Унија. Во тој контекст, според правните експерти со кои се консултиравме, и домашни и странски, „неколкумесечната полемика во јавноста околу потребата за внесување или не на Бугарите во Уставот навистина губи секаква смисла, имајќи предвид дека земјава не го исполнува основниот европски фундаментален услов за напредок во преговорите – независно и функционално судство врз чиј темел почива секоја правна држава“.
Изминатите три децении низ безброј примери се потврди дека судството во земјава е целосно потчинето на политичките елити и се користи исклучиво како обична алатка на секоја власт за пресметка со неистомислениците. Политичарите беа тие што ги кроеја и продолжуваат да ги кројат судските реформи по сопствена желба и замисла, без притоа да бидат вклучени луѓе од фелата што најдобро знаат како да се дистанцира судството од политиката и да почне да функционира во согласност со надлежностите што ги има како трета власт во државата, да го спроведува правото.
Деновиве јавноста е сведок на жестоки протести во Израел токму поради намерата на политичарите да се мешаат во судството, односно нивниот план да го реформираат судскиот систем. Десетици илјади Израелци излегоа на улиците откако премиерот Бенјамин Нетанјаху го смени министерот за одбрана Јоав Галант, набргу откако тој се побуни против контроверзниот план за реформирање на судскиот систем. Израелскиот претседател Исак Херцог итно ја повика владата да запре со најавените реформи, кои, меѓу другото, ѝ даваат целосна контрола врз комитетот што назначува судии.
И додека земјите со исклучително висока традиција во функционирањето на правниот систем не дозволуваат политиката да ги замеша прстите онаму каде што не им е местото, кај нас ситуацијата е сосем поинаква. Назначувањето на судиите зависи исклучиво од политичарите и нивната добра волја, Судскиот совет не може да се именува без амин на политичарите, а нивниот глас е клучен и при изборот на уставни судии. Со други зборови, фактички во Македонија и не постои вистинска поделба на законодавна, извршна и судска власт, туку постои единствено политичка власт, која решава буквално за сè.

– Кај нас политиката управува со судството и затоа тоа има толкава доверба, односно нема доверба, и второ политиката, не само во судството, буквално ја избриша поделбата на законодавна, извршна и судска власт. Некој ќе праша зошто. Затоа што судството е исполитизирано до крајни граници, членови на Судскиот совет се истакнати правници, кои се добро вдомени партиски кадри, што влијаат врз работата на Судскиот совет и политиката е таму длабоко навлезена. Понатаму, судиите клиентелистички се однесуваат кон власта, знаат секојпат што точно треба да испорачаат, законодавната власт буквално ги исполнува желбите и барањата на извршната власт оти е машина за кревање на раце и ако ги слушнеме тие дискусии во Собранието, гледаме дека тоа се обични партиски препукувања и никако да го надминат тој дел на партиско препукување, иако се народни пратеници. Очигледно интересот на народот воопшто не е битен за нив, предзнакот е секогаш партиски – вели Звонко Давидовиќ, адвокат и добар познавач на судските состојби во земјава.
Според него, кај нас нема критична маса што би реагирала на ваквите состојби во судството, бидејќи сме дојдени во ситуација партиите во земјава да имаат повеќе членови за разлика од една ЦДУ во Германија, која е земја од 90 милиони луѓе.
– Кај нас општеството е комплетно исполитизирано и испартизирано, така што не може да се очекува дека некој што е член на партија ќе оди против интересите на својата партија, особено што луѓето тука не се научени да размислуваат со своја глава, туку размислуваат со главата на претседателот на партијата – констатира Давидовиќ.
Тој воопшто не е изненаден од случувањата и протестите во Израел, бидејќи, како што објаснува, станува збор за организирана држава што никогаш нема да дозволи политиката да се меша во судството.
– Израел е држава. Имав можност неодамна да бидам во таа земја и можам да кажам слободно дека тоа е држава што функционира во секој сегмент. Израелците можеби тешко живеат во смисла на постојаните безбедносни закани, но мислат со своја глава, работат и не дозволуваат никој да им ги загрозува лостовите на системот што функционира. Впрочем, тие од земја пустина создадоа земјоделство чии производи се извезуваат низ светот – истакнува Давидовиќ.
Негово мислење е дека за да се тргне политиката од македонското судство, потребно е независно тело да ја оценува работата на секој судија и обвинител поединечно.

– Треба да се овозможи судството да ги поврати својата самостојност и независност. Тоа може да се направи така што ќе се утврди одговорност на секој судија и обвинител поединечно. Тоа никако не може да го изведе Советот на обвинители и Судскиот совет, туку едно независно тело создадено од признаени и докажани судии и обвинители, професори што се во пензија и што оствариле и морален и професионален кредибилитет. Имаме такви луѓе што постојано се борат за независно судство и укажуваат на проблемите. Во Израел со само еден обид се крена народот, додека кај нас не само што е дијагностициран канцерот на правосудството туку и странците во секој извештај на ЕУ го нотираат тоа и ни кажуваат дека до крајни граници сме корумпирани како држава, одат дотаму што кажуваат дека и судството преку адвокати, судии и обвинители е замешано во сето тоа. Претседател на Судски совет дава оставка поради притисоци од бизнис-судска мафија и никому ништо. Тоа најдобро ја отсликува ситуацијата кај нас и зошто ние не сме Израел – заклучува Давидовиќ.