Претставници на Средношколскиот сојуз предводени од претседателот Лука Павиќевиќ денеска ќе имаат средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири за да разговараат за барањата кои Генералното собрание на Сојузот ги усвои пред десет дена.
Павиќевиќ за МИА изјави дека им е потврдена средбата што ја побарале со министерот Шаќири и дека нивните четири барања во однос на полагањето државна матура ги доставиле во МОН.
– Се договоривме за денеска, понделник, во 13.30 часот, да имаме средба за нашите барања – рече Павиќевиќ.
Барањата на Сојузот се промена на соодносот на коефициенти за екстерните испити при упис, соодветни испити при упис, поместување на денот за првиот екстерен испит и материјалите за интерните испити и банките со прашања наставниците да ги споделат најдоцна четири недели пред денот на испитот.
Сојузот предлага да се промени соодносот, т.е. екстерните да носат 20 поени, интерните 16 поени и проектната задача да носи 4 поени. Во однос на второто барање, Сојузот бара Владата да им препорача на сите универзитети во земјава првиот екстерен предмет – Мајчин јазик (македонски, албански и турски јазик) и литература да го сметаат за соодветен, со што ќе се зголеми неговиот придонес во поените за државната матура.
Бара и доколку е можно да се помести првиот екстерен испит од 27 мај на 3 јуни и четвртото барање е наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на испитот, бројот на прашања во банките да биде три пати поголем од бројот на прашања на испитот.
Сојузот на средношколци не се согласува со барањето на дел од матурантите што ги претставува ОДАС (Организација за дијалог и афирмација на средношколци и студенти) – организатор на протестот пред МОН на 17 март, кои бараат да се намали обемот на материјалот за полагање на државната матура или, како алтернатива, да се намали бројот на интерни испити.
Во однос на нивното барање, министерот Шаќири деновиве изјавуваше дека конечен одговор ќе даде во текот на оваа недела откако ќе има средба со директорката на Државниот испитен центар дали е можно нешто да се промени во однос на полагањето на завршниот испит. Притоа нагласи дека може да се прифати некоја промена само доколку дозволува законот.
Претставници на ОДАС денеска нема да бидат на средбата во МОН, а претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска, за МИА изјави дека немаат информација дека средношколци ќе имаат средба со министерот.
Во однос на нивните барања и протестот на 17 март по кој имаа средба во МОН, рече дека немаат нови известувања од надлежното министерство.
– После тоа не. Само сме известени дека ќе се одржат средби со средношколци и дека е планирано да бидеме вклучени во нив. Но, денеска средба не одржуваме ние – рече Угриновска.
Додаде дека очекуваат за нивните барања да имаат што побргу одговор, затоа што, рече, времето до испитите е кратко и треба да се подготвуваат за матурата.
– Доколку се создаде револт кон неисполнување на барањата, во тој случај повторно би требало да направиме консултација со средношколците. По предупредувачкиот протест, овојпат средношколците би имале многу поголеми мотиви да се побунат ако не им биде одговорено на бањата – рече претседателката на ОДАС.