Актуелната шампионка ВМ Моника Сочко

На четири кола до крајот на ЕП 2023, Оливија Киолбаса од Полска и понатаму е на врвот

ПОЕДИНЕЧНО ЕП ЗА ШАХИСТКИ

Македонските шахистки Ивана Манова (1.923, рангирана 115-та пред почетокот на турнирот) и Катерина Петровска (1.907, 117-та) ги впишаа првите победи, а Моника Жежовска (1.761, 126-та) четвртиот пораз, во седмото коло на 23. поединечно Европско првенство (ЕП) во Петровац (Црна Гора), со 136 шахистки од 35 држави. Два поена од три можни во едно коло е и најдобриот резултат на Македонките досега на ЕП 2023.
По единствениот слободен ден на ЕП, Манова со црни фигури славеше против Англичанката Ала Гамал (1.748, 129-та), во 42-от потег, Петровска со црни фигури ја доби партијата по 43 одиграни потези против Јона Речица од Косово (1.231, 135-та), а Жежовска во сицилијанска одбрана загуби ЖИМ Ирина Петрова од Украина (2.133, 85-та).
По седмото коло, најуспешна македонска претставничка е Манова, 111-та, со 2,5 поена, Жежовска е 125-та со два поена, а Петровска е 126-та, исто така со два поена. На четири кола до крајот на ЕП 2023, ИМ од Полска Оливија Киолбаса (2.406, 15-та) со шест поени и понатаму е на врвот. Таа во дербито на првата табла со црни фигури ремизира во 73-от потег (во топовска завршница и со по три пиони), со својата сонародничка и актуелна европска шампионка Моника Сочко (2.432, рангирана четврта). Со по 5,5 поени, освен Сочко, водечката ја следат и ИМ од Полска Александра Малтсевскаја (2.388, рангирана 20-та), ИМ од Украина Јулија Осмак (2.445, рангирана петта) и ИМ од Грузија Мери Арабидѕе (2.433, рангирана деветта). Првите деветтопласирани ќе настапат на Светското првенство годинава. Г.И.