Руската морнарица утрово одбила напад со беспилотни летала врз пристаништето Севастопол на Крим анектиран од Москва, објави гувернерот на градот кој е поддржан од Кремљ.
– Црноморската флота одби напад со беспилотни летала врз Севастопол. Дроновите се обидоа да навлезат во нашиот залив, нашите морнари пукаа кон нив од малокалибарско оружје, во функција беше и ПВО – напиша на Телеграм, Михаил Развозаев, гувернер на Севастопол поддржан од Русија.
Украинските власти, пак, соопштија дека три лица загинаа, а уште седум се ранети во напади на руски беспилотни летала врз регионот на Киев, во текот на ноќта.
Регионалната воена управа на Киев на својот канал Телеграм објави дека е оштетен „цивилен објект“ и дека спасувачите се уште работат на местото на нападот.
Украинската војска соопшти дека соборила 16 од 21 беспилотно летало од иранско производство, лансирани во Украина во текот на ноќта од Русија.