Драги деца, на 21 март 1942 година е роден познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев. На нашиот драг пријател и соработник му го честитаме роденденот и му посакуваме уште многу испишани страници. А кога некој е роден на Денот на
пролетата, тој останува засекогаш млад, креативен и полн со изненадувања. И не заборавајте, Киро Донев ви порачува: „Колку и да брзате, каде и да итате, ако не некоја книга, барем „Колибри“ да го читате!“

Будење

И низ поле и низ брег –
никна личен кукурек!
Крена глава изви стас
и запеа на сет глас:
– Еве иде пролет мила
ќе облече сѐ со свила!
Од под лисја нешто шушна,
Ешко веста прв ја слушна.
– Чувајте се, змии – рече –
штом Сончко ќе опече!

И зајакот уши дигна:
– Верверичке, пролет стигна!
А бувот, пак в уплав списка:
– Што ли демне Кума Лиска?!
– Ништо, ништо – Лиска рече –
гледам Сончко како пече
и потокот како тече.
Не е веќе зима ладна,
не плаши се, не сум гладна!

Кукурекот пак се јави:
– Шумски свету, ајде слави!
Веќе нема да ни студи:
пролет иде – сѐ се буди!

Ај на здравје

Ај на здравје, нека биде –
цветна пролет веќе иде!

Поточето в љубов бликна,
кокичето – прво никна…

Патем, како што е редот,
се разбуди и Дедо Медо…
Се проѕевна и си рече:
– Ај на здравје, Сончко пече!

Од под змеја кртот „ѕирна“,
радосно со носот „свирна“:
– Леле, леле, што е ова?
Ни доаѓа пролет нова!

– Ај на здравје, ај на здравје! –
И децата прават славје…
Сокче пијат и се смеат,
а птиците – гласно пеат!

Желба

В ливада Бојанчо
пеперутка сретна,
пружи раче по неа,
но таа му летна!
Се натажи Бојанчо
и почна да плаче:
– Слетај ми убавице,
на моево раче…
– Не можам Бојанчо,
не смеам, се плашам…
Причекај ме овде –
мама да ја прашам!

И одлета таа бргу
крај бистрата река,
а Бојанчо остана
долго да ја чека.

Денот, еве, мина,
Сончко над рид се злати,
Бојан уште чека
таа да се врати!

(Од книгата „Било и се скрило“)