Запленета дрога од половина милион евра
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и СВР Скопје извршија претреси на седум локации, при што приведени се пет лица, а пронајдена е лабораторија за производство на амфетамин, како и дрога вредна речиси половина милион евра доколку биде продавана преку уличните дилери, информираше на денешната прес-конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Приведените лица се од Скопје, а една од приведените е и наставничка во основно училиште.
Како што појасни Ангеловски, при претресот пронајдени се околу седум килограми амфетамин, околу еден килограм кокаин, околу 22 килограми марихуана, автоматска пушка калашников, рамки за пиштоли и за автоматска пушка, куршуми од различен калибар, списоци од евиденција на лица кои купувале дрога и кои должеле за наплата на дрогата.
Исто така, како што додаде, пронајдени се и четири возила кои биле употребувани при продажбата на дрога и пари кои се добиени од продажбата на оваа дрога.
Претходно, посочи Ангеловски, во месеците јануари, февруари и март под раководство на јавен обвинител од ОЈО Скопје спроведена е криминалистичка истрага, при што приведени се други три лица кои се поврзани со овој случај.
-Приведените лица подолго време на улиците на Скопје продавале синтетичка дрога афетамин како и други дроги, имале изнајмено станови во центарот на Скопје, како и во населбата „Ѓорче Петров“ и дрогата ја продавале по различна цена. На пример, амфетаминот го продавале за 2 илјади денари за грам, кокаинот за 3 илјади денари за грам, екстази таблета за 600 денари, а пакување марихуана за илјада денари – додаде Ангеловски.
Тој потенцира дека вакви акции МВР спроведува и во останатите градови во државата.
-Од почетокот на оваа недела имаме извршено 36 претреси и приведени 32 лица кои се занимаваат со продажба на дрога. И во наредниот период интензивно продолжуваме на сузбивање на оваа појава во интерес на граѓаните, додаде портпаролот на МВР.
Фото: МВР