Се зголемуваат сомнежите околу мудроста за задржување на разурнатиот Бахмут соочен со беспоштедните руски напади, но украинскиот претседател Володимир Зеленски се „вкопа“ на неговата позиција и инсистира водечките луѓе од војниот врв да бидат обединети во определбата за одржување на одбраната на градот во источна Украина, каде што борбите се одвиваат со месеци, пишува „Политико“.
Борбите за Бахмут значително се засилија во изминатите неколку месеци, при што Зеленски остро ги критикуваше Русите за, како што смета тој, испраќањето на војници во речиси сигурна смрт во „мелницата за месо“, како што светските медиуми го ословуваат местото на жестоките борби.
– Сегашната најкрвава битка во војната нуди глетка слична на Првата светска војна, со поплавени ровови на подрачје разнесено од артилериски оган – наведува „Политико“.
Во изминатите неколку недели украинските сили беа речиси опколени, додека се соочуваат со недостиг на муниција и со голем број на жртви, па тоа ги поттикна размислувањата, како во Украина, така и во странство, дека е време украинските сили да се повлечат и да формираат друга одбранбена линија. Западните експерти сметаат дека повлекувањето не би претставувало голема загуба за Украина, додека на Русија би ѝ пружило симболична победа.
Но, при завчерашното обраќање, Зеленски објасни дека останува во полза на одбраната на Бахмут.
– Истакната е јасна позиција до целиот персонал – засилете го секторот и нанесете му најголема можна штета на окупаторот. Сите членови изразија заедничка позиција, вклучувајќи ги понатамошното задржување и одбраната на градот – кажа украинскиот претседател по состанокот со украинскиот воен врв на кој била дискутирана битката во Бахмут.
Зеленски на овој начин по вторпат во исто толку недели јавно изрази поддршка за водечките воени лица.
Украинските вооружени сили веќе извесно време се држат до помислата дека Русија претрпела голем број на жртви, што сметаат оти им овозможува да го ослабат непријателот, пред најавуваната контраофанзива што се очекува напролет.
Но, во украинските редови, како и меѓу западните сојузници, се засилуваат критиките во врска со продолжување на битката во Бахмут, што трае речиси девет месеци. Незадоволството првично беше стивнато и изразено зад кулисите, но сега излегува во јавноста.
– Одредени украински војници на социјалните мрежи изразија огорченост за нивните маки, иако велат дека ќе ја извршуваат должноста и ќе истраат во одбраната како што е наредено – известува „Политико“.
„Бахмут е град на стакло, цигли и отпад, кои крцкаат под нозете, исто како и судбините на луѓето што се бореа таму“ гласи еден од коментарите на Твитер, додека друг украински војник на Фејсбук пишува дека постои „катастрофален недостиг на артилериски гранати“.
Главно стратешко прашање е дали Зеленски e непопустлив, односно дали борбата во поголема мера станува тест на карактерот, отколку оправдана тактичка определба што ќе ги ослаби руските сили пред најавуваната контраофанзива. Украинците исто така признаваат и дека трпат големи жртви во Бахмут, додека Русија е сѐ поблиску до остварување на целта да го опколи градот.
– Патувајќи долж фронтот слушате незадоволство, при што луѓето не се сигурни која е причината за задржување на Бахмут, бидејќи е политички небитен, наспроти стратешката важност – вели американскиот воен аналитичар Мајкл Кофман.
Минатата недела Зеленски доби поддршка за неговата одлука за одбрана на Бахмут од пензионираните американски генерали Дејвид Петреус и Марк Хертлинг, врз основа на мислењето дека Русите имаат поголема стапка на жртви во битката. Но, ситуацијата е сменета во изминатите неколку недели, со што Кофман смета дека двете страни сега трпат еднакви загуби, а Роб Ли од американскиот Институт за истражување на надворешната политика истакнува дека стапката на жртви веќе не е оправдана причина за продолжување на битката. Истовремено се истакнува и дека Русите се решени да остварат победа во Бахмут.