КОШАРКА – НБА

Легендарниот шпански кошаркар Пау Гасол (42), кој е во пензија од 2021 година, остави длабока трага во екипата на Лос Анџелес лејкерс, а вчера доживеа голема чест. Неговиот дрес со број 16 е повлечен и повеќе нема да го носи друг кошаркар од овој клуб. Сѐ беше договорено пред почетокот на мечот меѓу Лос Анџелес лејкерс и Мемфис, два од неколкуте поранешни клуба за кои настапуваше Пау. Шпанецот во НБА-лигата дојде во 2001 година, до 2008 година го носеше дресот на Мемфис (за кого подоцна настапуваше и неговиот брат Марк), а од 2008 до 2014 година ги бранеше боите на Лејкерси. Потоа играше уште за Чикаго, Сан Антонио и Милвоки. Беше репрезентативец на Шпанија од 2001 до 2017 година. Високиот шпански центар (216 см), со солзи на очите, на церемонијата се потсети на деновите кога освои две шампионски титули во НБА-лигата, со Лос Анџелес лејкерс (2009 и 2010 година), а шест пати играше и на олстар-натпреварите… Шпанецот е 12-ти кошаркар во историјата на Лос Анџелес лејкерс, чиј дрес е повлечен и повеќе нема да се употребува. Таму, покрај другите се и двата дреса што ги носеше и трагично загинатата НБА-ѕвезда, Коби Брајант, на кого со емотивни зборови не заборави да се потсети и Гасол.
Иако последниот меч за Лос Анџелес лејкерс го одигра во 2014 година, Пау Гасол и понатаму го сметаат за нивен играч. Во натпреварот на двата поранешни клуба на Гасол, Лос Анџелес лејкерс победи со 112-103 иако настапи без повредените играчи Леброн Џејмс и Д’Анџело Расел. Г.И.