Наместо да се засрами од своето минато, „црвената елита“ бара нешто што е соодветно опишано како нова форма на феудализам, во која цели области на јавното право, јавната сопственост, правичниот процес и правата на граѓаните се враќаат на неодговорна контрола од страна на една гнила историски мртва номенклатура. После се чудиме од каде злоупотребите во судството, корупцијата, криминалот и, секако, неказнивоста. Ова што се обидуваат да го постигнат низ академијата на судии нема врска со професија, еднаквост на можности, недискриминација
Кога нема да го исчистите „отпадот“ од стариот комунистички режим на „елити“ како дел од демократизацијата на државата, свесно придонесувате за нивна консолидација и креирање нови шеми на комбинирање на елитната рециркулација со елитниот обрт. Секогаш одново и одново ме изненадува моќта за регенерација на гнилото ткиво на „црвената елита“ во македонското општество, создадена од комунистичката номенклатура на идеолошки бескрупулозни извршители, кодоши, егзекутори, полтрони, национално обезличени поединци, која се обидува да воскресне низ привилегијата на раѓањето. И тогаш гледаш како мршата на комунизмот, за која мислевме дека е во распаѓање сиве години на транзиција, се обидува низ обновените и подмладени комунистички династички традиции да се етаблира во новиот систем. Така е кога не успеавме да го исчистиме канцерот во општеството, тој станува негов тивок „црвен“ убиец.
Македонскиот модел на „црвените династии“ е наследство што ни го остави комунизмот во Македонија. Наследство што не го сакавме. Тие се оној злобен актер од ерата пред 1990-тите, кој речиси универзално се смета за мрачен период на угнетување, економска неефикасност, сиромаштија, тоталитаризам и диктатура. Секаде освен кај нас. Идеолошките потстанари во демократијата денес зборуваат за семејни традиции на одредени професии, како што се правната, медицинската, инженерската, па дури и новинарската. Притоа не зборуваат за заедничкиот именител на ваквите семејни професионални традиции, кој е лоциран во нивниот комунистички идентитет. Се повикуваат на некаквиси семејни традиции заборавајќи ја генезата на нивното настанување – она повоеното.
Она што се градеше низ ходниците на тајната полиција – УДБА, преку демонизација на интелектуалната елита на повоена Македонија, превоспитувана и уништувана душевно и физички на островот на смртта и затворите низ Југославија од „социјализмот со човечки лик“. Симнати од планина до интелектуални изроди, тоа е сликата на „црвените династички традиции“, кои му судеа и му пресудија на сѐ што беше напредно и слободномислечко по војната. И, секако, македонски ориентирано. Кариерите и семејните професионални традиции ги етаблираа на мршите и коските на нивните жртви, на маргинализирање и уништување на нивниот пород. Влегуваа во нивните куќи и станови, стануваа господари на нивните имоти и судбини, претворајќи ги во статисти на сопствените животи. Демоните на одвратното комунистичко минато единственото семејно наследство што го наследија беа злото и несреќата што ги посеаја во Македонија. Скриени во своите професии, стекнати со декрети на тајната полиција, останаа она што беа: луѓе во црни мантили со своите „пиштолчиња“, идеолошки накази и ништо повеќе. Тоа е сликата на „црвеното гнило јаболко“, кое денес се самопромовира како династичко и кое не сака јавноста да го види. За нивна голема жал, огледалото на историјата така ги гледа. Сигурно не онаа историја ретуширана од нивните предци.
Наместо да се засрами од своето минато, „црвената елита“ бара нешто што е соодветно опишано како нова форма на феудализам, во која цели области на јавното право, јавната сопственост, правичниот процес и правата на граѓаните се враќаат на неодговорна контрола од страна на една гнила историски мртва номенклатура. После се чудиме од каде злоупотребите во судството, корупцијата, криминалот и, секако, неказнивоста. Ова што се обидуваат да го постигнат низ академијата на судии нема врска со професија, еднаквост на можности, недискриминација. Има врска со законски несанкционирана приватизација на судството и државата. Новиот неофеудализам што го посакува „обновената гнила црвена елита“ треба целосно да ја зароби државата. Само така мршата на комунизмот може да продолжи да живее. Неофеудализмот што ми се нуди како одговор на заробување на одредени професии од наследените „црвени династии“ е корумпирање на иднината на државата. Поточно, репродукција на „црвената елита“, која сугерира дека промената на системот не влијаела на персоналот на елитата: оние што биле привилегирани во минатото остануваат привилегирани во сегашноста. Тоа значи да се продолжи со контролирање на командните позиции на клучните државни институции и правење демократи без демократија од наследниците на комунистичката номенклатура. Ова е македонската посткомунистичка слика на Доријан Греј. Портрет на злото, гревот и неморалот.
Проф. Звонимир Јанкулоски