Македонските Костури зад себе имаат два меѓународни турнира во Бугарија. И на двата имаа одличен резултат од 4-0 до финалето, крунисан со убедливи победи, но двапати не успеаја да ја прескокнат последната пречка и мораа да се задоволат со сребрени медали. Следниот голем проект и предизвик за екипата е меѓународниот турнир во април, „Адрија боул“, во Ровињ (Хрватска)

ПРВИ И ЕДИНСТВЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА

Сѐ почнало во 2018 година, кога петмина ентузијасти од Куманово, Дамјан Костадинов, Дамјан Ефремовски, Бојан Стојановиќ, Перица Митревски и Иван Јакимовски, со собрале околу една нивна заедничка љубов, американскиот фудбал, односно неговата флаг-верзија. По четири години егзибициски натпревари и тренинзи, решиле и да го официјализираат нивниот клуб. Денес тоа се Костури (Спортско здружение клуб на американски фудбал Куманово Костури 2022, Куманово Скелетонс), единствениот флаг фудбалски клуб во Македонија. Во моментов имаат 13 члена, иако за нешто повеќе од четири години, колку што редовно играат американски фудбал, на терените со нив поминале над 40 луѓе, на возраст од 15 до 32 години. И освен од Куманово, каде што е формиран клубот, имаат и тројца членови од Скопје.

И ИГРАЧИ И ОРГАНИЗАТОРИ И ТАКТИЧАРИ…

Целата екипа е постојано активна, со еден заеднички тренинг неделно и со уште неколку тренинзи на помали групи. Не се откажуваат и покрај тоа што во Македонија нема друг клуб од овој спорт, а со тоа ни лига, а се натпреваруваат само на меѓународни турнири, каде што ја претставуваат Македонија. Не ги поколебува ниту тоа што ги немаат сите потребни услови за тренинзи, особено во зимскиот период, кога поради ниските температури тренираат „на затворено“, во балони за мал фудбал, каде што димензиите на теренот се помали од тоа што е потребно во нивниот спорт.
Тринаесетте члена, освен што играат флаг фудбал, ги организираат тренинзите и ја креираат тактиката, ги водат и најголемиот дел од „неспортските“ клупски активности – од формирањето на здружението, маркетингот, финансирањето… Претседател на клубот е Иван Јакимовски.

ИМЕТО СПОРЕД ИСТОРИСКОТО ОБЕЛЕЖЈЕ НА КУМАНОВО

Костурите своето име го добиле по едно од најголемите историски обележја на нивниот град, Спомен-костурницата. Тие добиле усна согласност од Општина Куманово да ги користат новоизградените терени што се наоѓаат во состав на комплексот. Сепак, претставници од екипата велат дека подлогата е под секое ниво и доколку се одлучат да го користат тој терен, ризикуваат посериозни повреди.

ШТО Е АМЕРИКАНСКИ ФЛАГ ФУДБАЛ

Костурите во моментов ја практикуваат т.н. бесконтактна верзија на американскиот фудбал, наречена флаг фудбал. Флаг фудбалот го смислиле американските војници во текот на Втората светска војна, за да можат да го играат својот омилен спорт, а притоа да избегнат повреди, бидејќи контактната верзија на американскиот фудбал е многу груб спорт.
– Оттаму доаѓа инклузивноста на флаг фудбалот. Милиони обожаватели на американскиот фудбал со различен пол, со секакви физички предиспозиции и почнувајќи уште од најмала возраст, можат да играат верзија на спортот што го сакаат, притоа со минимален физички контакт и минимални шанси за посериозни повреди. Овој спорт е еден од најбрзорастечките во светот, неговата промоција е спонзорирана од Американската национална фудбалска лига (НФЛ), која само лани вложила околу една милијарда долари, со цел што повеќе луѓе да се запознаат со флаг фудбалот и да станат дел од него. Во 2028 година во Лос Анџелес, флаг фудбалот се очекува првпат да биде дел од Летните олимписки игри – велат Костурите.

БЕЗ ДОМАШНА ЛИГА, САМО НА МЕЃУНАРОДНИ ТУРНИРИ

Македонските Костури зад себе имаат два меѓународни турнира во Бугарија. И на двата имаа одличен резултат од 4-0 до финалето, крунисан со убедливи победи, но двапати не успеаја да ја прескокнат последната пречка и мораа да се задоволат со сребрени медали. Следниот голем проект и предизвик за екипата е меѓународниот турнир „Адрија боул“, кој ќе се одржи во Ровињ (Хрватска), од 14 до 17 април. Таму како учесници досега се објавени екипи од осум европски земји, а организациски овој турнир важи за еден од најдобрите во Европа.
– Во Ровињ ќе се сретнеме со многу сериозни екипи, па затоа нашите очекувања ги држиме доста ниско. Но и самото учество на овој турнир ќе биде голем успех. Подготовките се одвиваат доста успешно и ќе се потрудиме да бидеме незгоден противник за некои од најдобрите европски екипи во флаг фудбал – велат Костури.
За учество на овој турнир им се потребни и финансиски поддржувачи. Финансиери имале, но економската криза си го направила своето, па сега повторно им треба ваква поткрепа. Наспроти финансиската, моралната поддршка од нивните сограѓани не недостига. Кумановци се постојано на нивните тренинзи и подготовки, кои се интензивираат како што се приближува турнирот во април.
– Од Ровињ ќе се вратиме со кренати глави – велат од клубот.