Ако се востанови дека Полска може и е способна да го изнесе товарот произлезен од руско-украинскиот судир, тогаш голема е веројатноста САД да бараат да се воспостави постојано присуство во клучните земји од источното крило на НАТО „за да ѝ се спротивстават на руската закана многу порано отколку што многумина мислеа дека е можно“. Тоа го тврди Челс Михта, соработник во Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА) и воен разузнавач што служи во армијата на САД
Дали Полска е новиот центар на гравитацијата за НАТО?
Војната во Украина, од чиј почеток денеска се навршува точно една година, постојано и активно влијае на европските политики. Факт е и дека центарот на западноевропското тежиште се придвижува кон исток. Засега Полска е најочигледниот центар на тие концентрични кругови.
Полска како акцелератор на тежнеењата на
западните сојузници
Според воените експерти, Полска, како најголема земја од источното крило, има акумулација на политички капитал не само меѓу државите од „првата линија“ на НАТО туку и поради нејзината клучна улога во синџирот на снабдување за Украина со оружје, муниција и опрема.
Полскиот претседател Анджеј Дуда и министерот за одбрана Маријан Блашчак го презедоа водството во градењето на поддршката агитирајќи во различни престолнини на Алијансата. Варшава решително најави дека Полска ќе ги испрати тенковите „леопард“ во Украина со или без поддршка на Германија. Токму оваа нејзина иницијатива, некои воени аналитичари ја ценат како еден од клучните фактори во одлуката на Вашингтон за испраќање на тенковите „абрамс“. Имено, полската влада беше на чело на напорите да се организира коалиција за ослободување на тековите „леопард“ во НАТО. И ова резултира со неодамнешното зголемување на западната воена помош, особено подоцнежната одлука на Берлин да ги обезбеди своите тенкови „леопард 2“ за Украина и да даде дозвола/согласност за другите да го направат истото тоа.
Тоа беше, несомнено, политичка победа за Полска. Коалицијата за тенковите „леопард 2“ што ја постави Варшава се прошири потоа и надвор од Централна Европа, вклучувајќи ги Финска, Норвешка, Шпанија, Холандија и Данска. Аналитичарите се веќе сигурни дека Полска има потенцијал да ја промени внатрешната динамика на Европа, поместувајќи го центарот на гравитацијата на НАТО накај себе, подалеку од француско-германскиот тандем.
Нов стратегиски центар во Европа
Минатата година, Полска купи 250 тенка „М1А2 СЕПв3“, 32 авиони „ф-35“ и 96 борбени хеликоптери „апачи“ од САД, потоа и самоодни хаубици и авиони од Јужна Кореја. Тоа зборува многу за намерата на земјата повторно да се вооружи и да го распореди тешкиот арсенал на источното крило на НАТО.
Тоа се поклопува со некои тези од обраќањето на германскиот канцелар Олаф Шолц за германското лидерство во Европа, односно во НАТО. Имено, Берлин сè повеќе смета дека тој дел го заморува. Спротивно на тоа, лидерството на Варшава и нејзината храброст и способноста да зборува не само во име на балтичките земји туку и на Финска и на другите „столбови на западниот консензус“, сугерира дека стратегискиот центар на Европа полека но сигурно се движи кон исток.
Меѓутоа, тоа не се однесува само на надворешнополитички потези во глобалната игра или, пак, на внатрешни потези за градење коалиции во НАТО.
Експертите сметаат дека овој пат Полска созреа да преземе иницијатива и ризик, дополнето со јакнење на т.н. тврда моќ, амортизирајќи ја штетата предизвикана од децениското недоволно инвестирање во одбраната, со купување оружје, опрема и муниција.
Армиите на другите големи земји од Западна Европа немаат средства за војна со висок интензитет
Германската армија се бори со нејзиниот нереформиран и нефункционален процес на набавки.
Армиите на Велика Британија и на Франција се во подобра форма од германската војска. Но и тие исто така се борат со своите проблеми. Британската армија е оптоварена со стара опрема и има потреба од вистински инвестиции во модернизација на опремата и обука, додека француските вооружени сили, иако вешти во мали, експедициски кампањи, итно имаат потреба од модернизација. Како што неодамна забележа поранешниот началник на Генералштабот на Франција, француската армија „нема средства за војна со висок интензитет“.
Полска – логистичка поддршка за Украина и главен сојузник на САД
Повиците за европска „стратегиска автономија“ и натаму се актуелни, и покрај еклатантните докази дека без САД, армиите на европскиот континент немаат опрема, обука и, пред сè, логистички капацитет што го овозможи снабдувањето на Украина на прво место. Земајќи ја предвид променливата распределба на моќта во Европа, додека нејзините крилни земји се здружуваат за да се справат со руската закана преку тесна соработка со САД, разговорот за независна европска војска способна да проектира значајна моќ сега звучи како „чудно ехо на минато време“.
Но појавата на Полска како клучен играч во помагањето во обликувањето на исходот од војната во Украина не се однесува само на вештата преговарачка игра на Варшава и тактиките на притисок, или нејзината инвестиција во „тврда моќ“, туку и за непопустливата логика на геополитиката. Полскиот транспортен центар во близината на градот Жешов стана логистичка порта за Украина, без која САД и нивните сојузници не би можеле да ја снабдуваат и да ја одржуваат украинската војска или да испорачаат економска и хуманитарна помош. Овој факт сам по себе експоненцијално го зголеми угледот на Полска како главен сојузник на САД, подготвен да преземе значителни ризици за Украина.
За возврат, растечката важност на земјата во европската безбедносна политика поттикнува искачување на скалата на односите со Америка. Но, сепак, прашање е дали таа е подготвена да ги исполни денешните геостратегиски императиви со оглед на тоа што повеќето наследени инсталации остануваат во Германија (каде што сè уште е актуелна неподготвеноста да преземе ризици за поддршка на американските политички цели во однос на Украина). Ако се востанови дека Полска може, тогаш голема е веројатноста САД да бараат да се воспостави постојано присуство во клучните земји од источното крило на НАТО „за да ѝ се спротивстават на руската закана многу порано отколку што многумина мислеа дека е можно“.
Се разбира, сè уште е невозможно да се предвиди што ќе следува, но едно нешто сега е јасно: вешто играната покер-карта на Варшава во меѓународниот покер, со која „го натера Берлин да попушти и да ги ослободи тенковите од германско производство во Украина“, го промени пејзажот во Европа. Тоа ја направи не само Полска туку и сите земји по линијата на источното крило, од Скандинавија до Балтичко Море и Централна Европа до Црното Море, многу поважни за иднината на Европа отколку што беа пред неколку месеци.