Коњите биле припитомени во Евроазија пред околу 6.000 години. Тие низ историјата им служеле на луѓето во земјоделството, војните и во спортот. Денес питомите коњи се распространети насекаде низ светот, со вкупна проценета популација од околу 60 милиони единки

Коњот се одликува со брзина, сила и издржливост. Тој е член на семејството коњ (еквиди), која ги вклучува зебрите и магарињата. Како и сите еквиди, коњот е добро приспособен за патувања на долги релации, преживувајќи со исхрана што се состои од треви. Тој е социјално животно што формира здруженија со членовите на своето стадо.
Влијанието на коњите на човечката историја и цивилизација ги прави едни од најважните домашни животни. Коњите биле припитомени во Евроазија пред околу 6.000 години. Тие низ историјата им служеле на луѓето во земјоделството, војните и во спортот. Денес питомите коњи се распространети насекаде низ светот, со вкупна проценета популација од околу 60 милиони единки. Дивите коњи, како оние на американскиот запад, се всушност слободни предци на домашните коњи, кои не се припитомиле.

Дивите предци на денешните коњи еволуирале милиони години во Северна Америка. Тие се рашириле во другите делови од светот со патување на југ во Јужна Америка и со преминување на копнените мостови што ја поврзувале Северна Америка со Европа и Азија за време на ледената доба. Коњите исчезнале од Северна и Јужна Америка во еден бран на изумирање што се случил при крајот на плеистоценската епоха, пред околу 15.000 години. Тие не се забележани во Америка сѐ до 1494 г., кога италијанскиот истражувач Кристофер Колумбо ги транспортирал со бродови од Шпанија на неговото второ патување за Новиот Свет.Како резултат на намерното одгледување и припитомување од страна на луѓето, коњите имаат изразени варијации во големината, телесната форма и бојата на покривката. Висината на коњот традиционално се мери со раце; една рака е околу 10 см. Типичните коњи за јавање се од 14 до 16 раце високи и тежат од 400 до 500 кг. Најголемиот забележан коњ бил од Белгија, висок 1,8 м и тежок 1.450 кг. Најмалиот коњ е Палешка, родена на 1 мај 2001 година, а живее на фарма во близината на Сент Луис, во државата Мисури, САД. Таа е тешка 25 килограми и висока само 45 сантиметри и во 2006 година влегла во Гинисовата книга на рекорди, како најмал коњ на светот. Таа е родена со ретко заболување (дворфизам) и бидејќи имала проблеми со одењето, морало да ѝ се направат специјални копита.

Коњот има влакнеста покривка и долга грива и опашка. Тешката зимска покривка расте наесен и се митари напролет. Типични бои на покривката се црна, кафеава, сива, кремаста, златна и бела. Гривата и опашката може да се исто или различно обоени од бојата на телото. Најразличните варијации во бојата можат да настанат од наследни црти, кои предизвикуваат дамки, разредување на основната телесна боја или пробивање на бели влакна во покривката. Многу телесни бои имаат специфични имиња, како што е „беж“ (кафеав коњ со црна грива и опашка), „костен“ (црвенкаво кафен коњ со грива и опашка во иста или нешто посветла боја) и „паломино“ (златен коњ со кремасто бела грива и опашка).
Главата на коњот се состои од череп, кој го затвора големиот комплексен мозок, и лице. Очите на коњот се доволно оддалечени од устата, така што тој може да пасе и да внимава на опасноста во исто време.


Пржевалскиевиот коњ – единствениот вистински див коњ

Пржевалскиевиот коњ, именуван по рускиот истражувач Николај Пржевалски, се верува дека е единствениот вистински див коњ што живее и денес. Веројатно изумрел во дивината на Монголија во 1960-тите, но со помош на европската програма за одгледување на овој коњ, популацијата е обновена. Околу 1.100 коњи преживеале до денес како резултат на нивното удомување во зоолошките градини и парковите на дивината. Пржевалскиевиот коњ бил повратен во националните паркови во Монголија во 1992 г., каде што сега живеат неколку илјади единки.

Подготвил: Далибор Станковиќ