На ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, ќе му се суди со побрз интензитет за предметот „Таргет-тврдина“ кој се однесува на нелегалното масовно прислушување, објавува „Макфакс“. Ова го тврди Кривичен суд, по реакцијата зошто се чека месец и поливина за да се закаже прво рочиште за овој предмет. Со побрза динамика ќе тече и „Трезор“ втор предмет каде обвинет е истотака Мијалков. Заедничко за двата е што Апелација реши да ги укине пресудите и да ги врати на повторно судење.
На прашање зошто рочиште за „Таргет-тврдина“ не е закажано порано, обрзложението е дека судијата Илија Трпков постапува по други предмети.
-За тој предмет и за предметот „Трезор“ ќе се даде на интензитет. Двајцата судии го кажаа истото – посочија од Кривичниот суд.
За последните два дена од февруари се закажани првите рочишта за „Таргет – Тврдина“ за масовното прислушување, каде што првообвинет е ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Ова значи дека повтореното судење во Кривичниот суд ќе почне по два месеца откако Апелација објави дека ќе ја укине пресудата и еден месец откако апелациските судии ја напишаа одлуката. Ваква динамика утврдил судијата Илија Трпков иако е запознаен дека делата на Мијалков е можно да застарат, а тој да не одговара за прислушувањето.
За делата на Мијалков и другите обвинети да не застарат, правниците сметаат дека е важен секој ден. Предметот е обемен, а пред пресудата да биде укината процесот од првото судење до одлуката на Апелација траеше пет години. Ако динамиката тече исто како и претходно, а делата на обвинетите им застаруваат во 2025 година, односно за две години, тогаш пресметките покажуваат дека е невозможно да се дочека одговорност за масовното прислушување.