Официјални лица и државните медиуми во Русија ја минимизираат денешната ненадејна посета на американскиот претседател Џо Бајден на Украина, изјавувајќи дека властите во Киев се „американска марионета“ и тврдејќи дека руските сили ќе победат иако Вашингтон ветува дополнително вооружување на украинските сили.
Бајден денеска во Киев се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски, пркосно искажувајќи ја солидарноста со земјата која речиси една година се бори против руската интервенција во, како што рече, „брутална и неправедна војна“.
Руската државна телевизија опширно ја проследи посетата на Бајден, при што ТВ водителите соопштија дека е јасно дека Бајден „ги води работите“ во Украина, што одговара на наративот на Кремљ за Зеленски како марионета на американската администрација.
Коментатори оценуваат дека Бајден со посетата на Киев ја почна својата кандидатура за нов претседателски мандат.
На руската државна телевизија беше кажано дека Бајден добил безбедносни гаранции од Москва пред посетата на Киев.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан денеска кажа дека американската Влада ја информирала Москва за посетата на Бајден непосредно пред неговото заминување во Украина „од деконфликтни причини“, за да се избегнат какви било погрешни чекори што би можеле да ги доведат двете нуклеарни суперсили во директен конфликт.
Провладиниот политички аналитичар Сергеј Марков во политичка емисија на телевизијата „Русија 1“ рече дека „сите знаат дека доколку Русија каже дека нема да го гаѓа Киев за време на посетата на државник – тоа значи дека тоа никогаш нема да се случи, бидејќи го држи зборот, а е и на страната на доброто и цивилизираното“.
Заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност и поранешен претседател на земјата, Дмитриј Медведев, на социјалната мрежа Телеграм напиша дека Бајден добил „безбедносни гаранции“ и додаде дека американскиот претседател „покажал лојалност кон неонацистичкиот режим“.