Фото: Борел/Tвитер

Испораката на оружје од Кина за Русија за поддршка на нејзината офанзива во Украина би била „црвена линија“ за Европската унија (ЕУ), предупреди денеска во Брисел високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Борел објасни дека му посочил на шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, дека тоа ќе биде „црвена линија“.

– Тој (Ванг) ми рече дека тие (Кина) нема да го направат тоа, дека немаат намера да го направат тоа, но ние ќе останеме будни – рече Борел по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

– Ако Кина одлучи да и испорача оружје на Русија, „очигледно би имало последици“ – изјави шефот на шведската дипломатија, Тобијас Билстром, чија земја моментално претседава со ЕУ.

Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, изрази надеж дека Кина „нема да направи таква грешка“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во неделата предупреди дека Кина размислува да испорача оружје на Русија.

– Не прифаќаме дека САД вперуваат прст кон односите меѓу Кина и Русија, а камоли да вршат притисок и принуда – изјави денеска Ванг Венбин, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, обвинувајќи го Вашингтон за „ширење погрешни информации“.