Отсуството на практикување ефективни политики и немањето долгорочна економска развојна стратегија го намалија искористувањето на економските потенцијали на Македонија. Во глобалниот натпревар со другите држави, кој во наредните години ќе биде уште посуров, ќе дојдат до израз низа фактори, кои доколку не ги задоволиме, катастрофално ќе ја изгубиме битката во која се боревме за двоцифрен економски раст, за БДП по жител што за некоја деценија ќе фати приклучок со европскиот, за стопански развој што ќе значи што повисок степен на преработка на производите, за што поголем број вработувања во реалниот сектор и следствено на тоа, стандард за граѓаните на државава што ќе значи комотно живеење за сите, од најмладите до пензионерите… А да не се изостават и остварувањата на амбициите за просперитет во нестопанските дејности, како здравството, образованието, науката…

Економската криза ги исфрли на површина слабостите на македонската економија

Македонија како мала и отворена економија беше најизложена на надворешните потреси на светските пазари, а тоа се виде и преку највисокиот раст на инфлацијата, но и по најмалиот раст на БДП, дури во однос на другите земји од нашето поблиско опкружување. Со години макроекономските показатели се загрижувачко ниски и не даваат резултат, па макар и да резултираат со психолошки поттик дека ќе се забрза економскиот раст во наредните години.

Неопходност од висока продуктивност

Во изминатите петнаесет години годишниот економски раст е во постојани осцилации, но дефинитивно е премал и е со лош тренд. Тој никогаш не ја надмина бројката од 5,5 отсто во 2008 година, а патем да потсетиме дека странските директни инвестиции во споменатата година изнесувале шест отсто од БДП, а годишната инфлација 8,3 отсто!
Но отсуството на практикување ефективни економски политики и немањето долгорочна економска развојна стратегија го намалија искористувањето на економските потенцијали на Македонија. Во глобалниот натпревар со другите држави, кој во наредните години ќе биде уште посуров, ќе дојдат до израз низа фактори, кои доколку не ги задоволиме, катастрофално ќе ја изгубиме битката во која се боревме за двоцифрен економски раст, за БДП по жител што ќе фати приклучок со европскиот, за стопански развој што ќе значи што повисок степен на преработка на производите, за што поголем број вработувања во реалниот сектор и следствено на тоа, за висок стандард за граѓаните.
Во наредните години уште посилно ќе дојдат до израз потребата за висока продуктивност кај вработените, потребата за воведување и користење современи технологии и за подигнување на степенот на преработка на македонските производи, но ќе дојде до израз и потребата за евтина енергија за стопанството (која треба да се обезбеди од домашното производство) и за одржливи начини истата таа предвидливо да се испорачува.
Кога експертите ја спомнуваат продуктивноста кај нас, тие нагласуваат дека „продуктивност и поголемо искористување на човечкиот капитал ќе имаме во иднина само ако уште токму од сега, од овој момент, па натаму со години, интензивно се вложува во човечкиот капитал“, нагласувајќи дека сегашниот општ впечаток и резултат од сите истражувања за работењето и продуктивноста е дека „кај нас не се работи“!

Македонија со најнизок економски раст од сите земји во регионот, а економски реформи нема?!

Податоците што ги објавува Светската банка покажуваат дека Македонија во 2021 година остварила најнизок раст во споредба со земјите од Западен Балкан. Нашиот бруто-домашен производ пораснал за четири отсто, додека економиите на другите земји од регионот растеле многу побрзо. Босна и Херцеговина има раст од 7,5 отсто, Србија од 7,4 отсто. Црна Гора во 2021 година имала највисок раст од 13 отсто, Косово од 10,5 отсто, Албанија од 8,5 отсто. Според податоците на СБ во октомври, Македонија повторно има најнизок раст од 2,1 отсто, а највисок има Црна Гора со 6,9 отсто, додека другите земји оствариле раст од околу 3,2 отсто.
– Македонија, како и земјите Балканот, преземаше мерки како одговор на растечката инфлација и енергетската криза. Нашата влада се обиде да влијае преку ограничување на цената на струјата, за дел од стопанството, односно МСП, но тоа не ги даде очекуваните резултати. Висината на инфлацијата и во јануари е на високо ниво од 17 отсто, а цените на храната не се намалија. Во исто време беше издадена нова обврзница и сето ова влијае на порастот на јавниот долг. Но суштински е дека изостануваат длабоките економски реформи. Всушност, реформите се неопходни во секоја област – велат економските експерти.

Износот на платите во регионот и вработеноста

Висината на просечната плата се разликува во земјите од регионот и тие се непосредно зависни од висината и растот на БДП. Според последните споредливи податоци, во ноември минатата година просечната нето-плата во Косово изнесува околу 432 евра, а во Словенија дури 1.312 евра. Во Македонија просечна нето-плата е околу 520 евра (минимална нето-плата изнесува 18.000 денари или 292 евра). Просечната нето-плата во Србија изнесувала околу 640 евра (минимална плата 300 евра). Во Бугарија просечната плата изнесувала 788 евра, а минималната 332 евра. Црна Гора има просечна плата од 718 евра (450 минималната плата). Албанија исплатувала просечна нето-плата од 517 евра (минималната 273 евра), во Косово нето-платата изнесувала 432 евра, а минималната плата достигнува до 170 евра. Во Босна и Херцеговина нето-платата е 585 евра, а минималната плата изнесува 330 евра во Република Српска и 278 евра во Федерацијата. Хрватска има нето-плата од 1.016 евра и минимална плата од 496 евра. Грција има 1.466 евра (758 минимална плата) и Словенија нето-плата од 1.312 евра и минимална плата од 1.074 евра.
Ако се споредат податоците за невработеноста, Србија е најдобра во регионот, а Косово и БиХ имаат најмногу невработени меѓу државите од Западен Балкан. Во Косово, стапката на невработеност е 31,3 отсто. Следува БиХ со невработеност од 30,7 отсто. Во Црна Гора, стапката на невработеност е 20,1 отсто. Македонија има 14,3 отсто невработени, а во соседна Албанија, стапката на невработеност е 11,1 отсто. Во Србија стапката на невработеност е 8,9 отсто.
М.Ј.