Сензори од наводниот кинески шпионски балон соборен над САД се пронајдени од Атлантскиот Океан, соопшти американската војска. Екипите за пребарување пронајдоа „значителни остатоци, вклучително и идентификувани делови од сензори и електроника“, соопшти војската на САД.
ФБИ ги испитува предметите за кои САД тврдат дека биле користени за шпионирање на чувствителни воени локации. САД соборија уште три објекти од 4 февруари.
„Делови од структура“ беа пронајдени и во понеделникот во близина на брегот на Јужна Каролина, соопштија воени претставници. Американските власти рекоа дека балонот потекнува од Кина и се користел за надзор, но Кина тврди дека тоа е само воздушен брод за следење на времето што залутал.
Белата куќа вчера одржа прес-конференција во врска со соборувањето на три неидентификувани летечки објекти за три дена.
– Има голема разлика помеѓу кинескиот балон и овие три објекти. Кинескиот објект беше многу поголем, со големина на три автобуси, имаше свој погон. Знаеме што правеше, знаеме за што беше – изјави Џон Кирби, координаторот за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност на Белата куќа.
– Не сакавме да го урнеме над копно, можеше да биде опасно за некој на земјата. Овие три објекти се многу помали, немаа свој погон, ги носеше ветерот. Немаме докази дека не биле користени за шпионирање, но не сме сигурни. Претседателот Џо Бајден нареди да се урнат од претпазливост – потенцираше Кирби.