Петгодишнина од смртта на прерано настраданите планинари
Се одбележуваат пет години од смртта на планинарите Калина Велевска и Александар Миновски кои трагично ги загубија животите на грчката страна на Кајмакчалан на 10 февруари 2018 година. Споменот на Калина и Александар во годините по нивната прерана смрт се чува преку низа гестови, планинарски акции и активности во нивна чест.
Традиционално се одржува искачување на врвот Клепа (1.150 метри надморска височина), кое обединува повеќе планирски друштва, во една од најмасовните акции од овој вид во Македонија. Тоа е највисокиот врв на истоимената планина во средишниот дел на Македонија, јужно од Велес.
На Калина и Александар им е посветена и шума именувана според нив, а во која десетина волонтери од еколошката групација „Зелена сила“ засадија 400 садници бреза, чемпрес, јавор, јасен и бел бор.
Македонскиот планинар Александар Кирковски во 2019 година реализираше брзинско искачување на највисокиот врв во Јужна Америка – Аконкагва (6.962 м.н.в. на Андите), во подвигот посветен на пријателите планинари Калина Велевска и Александар Миновски. Тој по освојувањето на Аконкагва ја истакна пораката „Во секој чекор, до секој врв… За Калина и Ачко“.
Во печат е издадена и книгата „Дневникот на една планинарка“ од Калина Велевска, што се состои од избор на текстови што беа објавувани на порталот „Мис“, како своевиден дневник, а во кои Калина ги пренесуваше своите впечатоци од планинарските тури во Македонија, но и во соседните земји.