Кога температурите на воздухот паѓаат под нула степени, релативно често се случува замрзнување на водата во цевките, па за да го избегнат тоа, некои граѓани ги оставаат чешмите да течат, а други вклучуваат грејни тела кон цевките. Сепак, законот е дециден. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје нема ингеренции за одржување на индивидуалните водоводни мрежи во домовите на корисниците, па оттука следува дека и случаите со замрзнување и штетите што може да настанат како резултат на тоа се одговорност на сопствениците

НИСКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ ПРЕДИЗВИКУВААТ НИЗА ПРОБЛЕМИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Иако досега и немавме баш некоја студена зима со екстремно ниски температури, февруари, според сите прогнози, најверојатно ќе го смени тој впечаток. Тоа веќе може и да се почувствува во раните утрински часови, кога температурите на термометарот паѓаат неколку степени под нулата..
Можеби времето во Скопје нема да ни донесе снежни наноси, меѓутоа, според актуелните прогнози на синоптичарите, ни доаѓа постуден бран, со пониски температури, а тоа значи и појава на мраз и голомразици, но и замрзнување на водоводните цевки, особено во индивидуалните мрежи. Речиси секојпат кога температурите се негативни, многумина се соочуваат со замрзнување на цевките, поради што имаат доста сериозен проблем со водоснабдувањето во зимските студени месеци, бидејќи кога цевките ќе замрзнат, се прекинува водоснабдувањето.

КАКО ГРАЃАНИТЕ „ГИ ШТИТАТ“ СВОИТЕ ИНДИВИДУАЛНИ ВОДОВОДНИ МРЕЖИ ВО ДВОРОВИТЕ И ДОМОВИТЕ

Студениот бран што пристигна во земјава, а со тоа и во главниот град, ги „разбуди“ старо-новите проблеми за скопјани што живеат пред сѐ во индивидуални објекти – куќи за домување.
Кога температурите на воздухот паѓаат под нула степени, релативно често се случува замрзнување на водата во цевките, па граѓаните се обидуваат на секакви начини да го спречат тоа. Традиционално, некој остава чешма да тече, за водата да се движи и да нема време да замрзне. Други, пак, тоа го прават на поскап начин, вклучувајќи разни топлински уреди кон ѕидовите каде што им минуваат цевките за да избегнат замрзнување.
– Иако досега температурите беа релативно издржливи, февруари секогаш носи ниски температури. Тоа не е никаков новитет, иако за нас е доста голем проблем, бидејќи страната каде што ни се водоводните цевки е на север, таму речиси секогаш температурите се пониски од реалните. И речиси секоја година водата во нив замрзнува, а тоа ни прави материјална штета, бидејќи често се случува поради студот и мразот, цевката да пукне и да ни предизвика хаварија. Од тие причини, оставаме една чешма малку вклучена, за од неа постојано да капе вода, за да спречиме водата во неа да замрзне – вели Јулија Андоновска, жителка на Радишани.
Таа додава и дека во неколку наврати била принудена да вклучува греалка за да ја одмрзне водата, а сега поисплатливо ѝ е да ја остави водата да капе, бидејќи струјата е екстремно скапа, особено со вакво грејно тело.

ОСТАВЕНИТЕ ЧЕШМИ НЕ ГО СПРЕЧУВААТ ЗАМРЗНУВАЊЕТО

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје речиси секогаш ги информира граѓаните навремено да се подготват за временските услови што доаѓаат во главниот град.
– ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во согласност со промените на температурите, постојано ги информира корисниците на услугите на претпријатието како да се однесуваат одговорно во насока на заштита на водниот ресурс, како во летниот така и во зимскиот период, но и во насока на заштита на водоводната мрежа, особено во зимскиот период, кога имаме и минусни температури. Имено, од клучно значење е сопствениците да ја заштитат водоводната мрежа од замрзнување (со изолациски материјал) или да извршат комплетно исклучување на незаштитената водоводна мрежа – информираат од водоводното претпријатие.
Оттаму додаваат дека оставањето на чешмата да капе воопшто не е ефикасен метод, напротив, само ја зголемува потрошувачката и не ја спречува водата да замрзне.
– Важно е да се напомене дека практиката за оставање на водата да капе не влијае на спречување на замрзнувањето, туку само на зголемена потрошувачка на вода, со што всушност корисниците предизвикуваат финансиски удар на сопствениот буџет (поради ненаменски потрошено количество вода) и, секако, дополнителен трошок за ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за зголемена испорака на вода за пиење – велат оттаму.
Врз основа на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани
отпадни води, членот 14, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје нема ингеренции за одржување на индивидуалните водоводни мрежи во домовите на корисниците, па оттука следува дека и случаите со замрзнување и штетите што може да настанат како резултат на тоа се одговорност на сопствениците.

[email protected]