Соединетите држави денеска официјално ја означија групата „Вагнер“ како транснационална криминална организација и воведоа дополнителни санкции за оваа руска приватна воена компанија, соопшти Министерството за финансии.
„Персоналот на Вагнер бил ангажиран во сериозни криминални активности, вклучувајќи масовни егзекуции, силувања, киднапирање деца и физичко малтретирање во Централноафриканската Република и Мали“, се вели во соопштението на Министерството за финансии, пренесе новинската агенција Ројтерс.
Со санкциите се замрзнува секој американски имот кој „Вагнер“ може да го има и им забранува на државјаните на САД да обезбедуваат средства, стоки или услуги за групата. Американското Министерство за финансии, исто така, воведе дополнителни санкции за „Вагнер“, обвинувајќи ја групата дека е одговорна или е соучесник во принудното раселување на цивилите и нападите врз болниците во Централноафриканската Република.