Фото: Игор Бансколиев

Пораките што изминатиот период доаѓаат од САД и од ЕУ покажуваат дека корупцијата во земјава го достигнала врвот, а како дел од причините за тоа се посочува и немањето ефикасни мерки како да се дестимулира и да се спречи оваа негативна општествена појава. „Нова Македонија“ се консултира со редица правни експерти, надзорни институции, но и државни органи за тоа кои се начините да ѝ се застане на патот на високата корупција. Што предлагаат тие

ДЕКЛАРАТИВНО СИТЕ БАРААТ ПОЕНЕРГИЧНИ МЕРКИ ЗА БОРБА СО КОРУПЦИЈАТА, НО НЕДОСТИГААТ ПРАКТИЧНИ РЕШЕНИЈА

Македонската јавност со особено внимание го очекува епилогот од неодамнешната мисија на американскиот истражен тим за борба со корупцијата во земјава и објавувањето на новата црна листа на лица вмешани во разни коруптивни дејности, што на некој начин треба да испрати порака дека борбата со корупцијата почнува од највисокото ниво.
Паралелно со активностите на американскиот истражен тим, неодамна и Европската комисија во дел од извештајот за Македонија, во рамките на Механизмот за суспензија на визите, посочува дека конфискацијата на имотот што е стекнат со криминал и на незаконски начин треба да стане стратегиски приоритет во борба против организираниот криминал, тероризмот и корупцијата на високо ниво во земјата. Со други зборови, ЕУ бара во согласност со европските практики и усогласеноста со европските нормативи македонските надлежни органи да одземаат сè што се стекнало на криминален начин, а не тоа да бидат само мобилни телефони и автомобили.
Ангажманот на САД и на ЕУ и пораките што доаѓаат оттаму јасно покажуваат дека корупцијата во земјава го достигнала врвот само затоа што со години, па и децении нема ефикасни институции што ќе ја превенираат оваа негативна општествена појава. Во таа насока, конфискацијата на имотот е веројатно последна фаза. Претходно, секако, низ законска и институционална постапка треба да се утврди потеклото на имотот, на кој начин тој е стекнат, и да се користат сите инструменти со кои располага државата, како финансиска полиција, Управа за јавни приходи итн. За такво нешто се потребни и силни и независни институции, но и силни поединци во рамките на истите тие органи и институции.
Во спротивно се добива впечаток дека државата е заложник на корумпирани функционери, кои добро пресметале дека и да направат каква било незаконска дејност и притоа да се стекнат со имот или пари, во најголем број случаи ќе минат неказнето или, пак, ќе заработат минимална казна без да им биде одземено нелегално стекнатото богатство.
Затоа притисоците што сега ги прават меѓународните партнери се во таа насока, одземање на секаков нелегално стекнат имот или средства, што и претходно беше најавувано, но никогаш не беше остварено.

Конфискацијата ќе ја дестимулира корупцијата

Според министерот за правда Никола Тупанчевски, конфискацијата е уредена со Кривичниот законик и сега се чека завршниот текст во кој сите недостатоци ќе бидат надминати.
– Имавме одредби што се однесуваа на конфискацијата, но не претерано успешно се справуваме со одземање на имотот на лицата што стекнуваа корист. Мојот предлог е криминалните приноси да се одземат уште во постапката, за потоа никој на никаков начин да не може да го оптовари имотот – предлага Тупанчевски.
Тој смета дека ако во почеток се одземе имотот, ќе се дестимулираат луѓето да се занимаваат со економски криминалитет.
– Новиот закон за кратко време ќе биде дел од нашата регулатива. Имаме Агенција за управување со одземен имот и се создаваат дополнителни проблеми како да биде одземен имотот. Постојат и криптовалути, акции и удели и воопшто не е лесно да се менаџираат овие процеси на одземање на имот. Треба да се коригираме – заклучи Тупанчевски.
Адвокатот Звонко Давидовиќ смета дека ако нешто брзо не се промени во државата, тогаш дефинитивно важи мотото дека криминалот се исплати и земјава уште повеќе ќе се задуши во криминал и корупција.
– Вака како што кај нас се поставени работите, несомнено произлегува дека криминалот се исплати. Треба итно да се направи нешто и овие најави за конфискација на нелегално стекнатиот имот се добар чекор – вели Давидовиќ.
Соочувајќи се постојано во текот на својата професионална работа со апсурдите од овој тип, односно коруптивно стекнатиот имот да си останува кај оние што го направиле криминалот, тој наведува неколку чекори што треба да се преземат за да ѝ се стави крај на корупцијата, особено на онаа од висок профил за што нè опоменуваат и САД, но и ЕУ.
– Конфискацијата е еден чекор, но не е исклучиво само тој механизам, иако е еден од битните.
Сметам дека прва работа е да нема недопирливи, туку секој да одговара според закон, па дури и во мигот да е на највисока функција. Ниту судство или обвинителство нема да ја манифестираат судската власт ако чекаат некој што е на функција, а за кого имаат докази и сознанија дека сторил кривично дело, ако не водат судска постапка, не го процесираат, односно чекаат тој да падне од власт, па дури тогаш да ја водат постапката. Тоа не е во ред и тогаш таа постапка добива призвук и на политичка пресметка и на клиентелизам и на сè друго што нема никаква врска со судската улога – потенцира Давидовиќ, притоа нагласувајќи уште еднаш дека прва и основна работа е секој да одговара и да е еднаков пред законот, без оглед на позицијата, функцијата, името и сè друго.

Трагата на нелегално стекнатиот имот не може да се скрие

Понатаму, како што наведува адвокатот, за да се дојде до моментот некој да биде осуден и соодветно казнет, потребно е да се обезбедат квалитетни докази.
– Втора работа е обезбедување квалитетни докази, навистина да се сработи предметот и во судската постапка да нема дилема дека кривичното дело е сторено. Трето, да се изрече казна соодветна за кривичното дело, но и производот на кривичното дело, односно добивката, да се конфискува. Посебно важна е една работа, да не се дозволи со така стекнат имот, пари и што било, да се плаќа и дава гаранција, нешто што може легално да го користи во судска постапка. Таков имот не смее да биде прифатен по ниту една основа за давање гаранции, за плаќање казни и што било – истакнува Давидовиќ.
Во врска со практиките вака нелегално стекнатиот имот да им се префрла на роднини и пријатели за да му се скрие трагата, Давидовиќ е категоричен дека ништо не може да се скрие.
– Не постои трага што не може да се открие. Друго прашање е дали вие сакате и сте кадарни да го сработите она што ви е задача. Затоа прво е битно Обвинителството да има добар кадар и добри истражители, а не да се именуваат обвинители според роднински и партиски линии. Трагата на нелегално стекнатиот имот или средства не може да се скрие, секогаш оставате трага дека тој имот е купен од синот или, пак, е префрлен на синот, на снаата и слично. Тие работи се гледаат и ако сакате да ги побарате, тие документи можете да ги најдете. Без оглед што тој имот е префрлен на син, снаа, сопруга, баба, дедо, може да се одземе ако е стекнат нелегално. Имаме ние ситуации во граѓанско каде што некој сторил штета, па имотот го скрил префрлајќи го на други лица. Вие можете според законот да барате поништување на должниковите дејства за да го вратите имотот и да го одземете – категоричен е Давидовиќ.
За него, клучно е сторителите на коруптивни дејства од висок профил секогаш да имаат на ум дека ќе бидат фатени, потоа и казнети, а згора на тоа и сето она што нелегално го стекнале ќе им биде одземено.
– Клучно е да се знае дека тоа што е стекнато на нелегален начин ќе биде вратено назад, а сторителот дополнително ќе лежи во затвор. Ќе добие казна, ќе остане без имот и тогаш никому нема кривичното дело да му биде исплатливо. Тоа е многу важно да ѝ се застане на патот на корупцијата – вели Давидовиќ.
Претседателката на Државната комисија за спречување корупција се согласува дека само со конфискација на имот конечно овој коруптивен бран од висок профил ќе биде ставен под контрола.
– Лекција број еден е да почне конфискацијата на секој имот стекнат преку коруптивни дејства. Досегашната пракса на неодземање на нелегално стекнатиот имот само ги охрабруваше корумпираните да продолжат понатаму. Се разбира, ако почне конфискацијата на ваквиот имот, пари и сè друго стекнато нелегално ќе почне да се намалува корупцијата. Камо среќа да почне тоа еднаш да се применува и кај нас – истакнува Ивановска.
Таа потсети дека токму од тие причини инсистираат на носење на законот за потекло на имот.
– Треба секој да каже од каде го стекнал имотот или средствата затоа што во тој синџир на коруптивни дејства не се само функционери туку и обични граѓани. Сите се бориме ова еднаш да профункционира – вели Ивановска.