Европската унија денеска и одобри дополнителна воена помош на Украина во вредност од 500 милиони евра, додека Берлин е под притисок на Киев да му да испорача германски тенкови „Леопард“.
Британските медиуми пренесуваат дека на денешната средба во Брисел на шефовите на дипломатиите на 27-те земји членки е постигнат договор за седмиот пакет помош, откако западните земји минатата недела не успеаја да се договорат за испраќање борбени тенкови во Украина, иако ветија поддршка вредна милијарди евра.
Покрај пакетот од 500 милиони евра, одобрени се дополнителни 45 милиони за „несмртоносна опрема“ и за воена обука на ЕУ за Украина, изјави дипломат од ЕУ, што беше потврдено од два други извори по состанокот на министрите зад затворена вратите.
Германските тенкови „Леопард“, испорачани од армиите низ Европа, се сметаат за најпогодни за Украина, но Берлин мора да го одобри нивното распоредување.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки уште утринава во Познан изјави дека условот неговата земја да испрати германски тенкови „Леопард“ како помош за Украина е тоа да го стори „во коалиција со барем мала група земји“, но дека сега има трошка надеж дека и самата Германија на крајот ќе ги испрати тенковите.
-Ќе побараме дозвола (од Германија) да испратиме тенкови „Леопард“ во Украина, но тоа е секундарно прашање. Услов за тоа е да се создаде барем мала коалиција на држави подготвени да го сторат истото – рече Моравјецки.
Се очекуваше министрите да разговараат, но не и да одлучат, за користењето на руските средства замрзнати во Европа за да се помогне во обновата на Украина, како и за десеттиот пакет санкции против Русија, кои ќе стапат на сила следниот месец.
Унгарија меѓутоа сигнализираше дека се противи за дополнителни санкции, особено ако тие би ја ограничиле соработката на Будимпешта со Москва во нуклеарната енергија.
-Сите одлуки кои би можеле да ја продолжат војната или да доведат до потенцијална ескалација се против нашите интереси. Докажано е дека санкциите ја водат Европа во ќорсокак – рече министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.