Сара Бјорк Гунарсдотир, 32-годишната фудбалерка од средниот ред, го одведе поранешниот работодавец ФК Лион пред трибуналот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), во обид да ги добие заостанатите плати за време на нејзиното породилно отсуство, кога се роди нејзиниот син Рагнар, а според одлуката, францускиот клуб треба да ѝ плати 82.094,82 евра, пишува „Скај спорт“. Репрезентативката на Исланд ја опиша одлуката како „повик за будење“ за клубовите. На францускиот клуб му е наложено да ѝ исплати и пет проценти камата годишно од 10 септември минатата година додека не се расчисти долгот, пишува „Скај спорт“.
Одговарајќи на својот официјален профил на Твитер, Гунарсдотир, која сега е во Јувентус, рече: „Оваа приказна е поголема од мене. Тоа е повик за будење за сите клубови и е порака до сите фудбалерки дека ако забременат или сакаат да забременат во текот на кариерата, имаат свои права и гаранции“.
Гунарсдотир побара да ѝ биде дозволено да се врати дома во Исланд за последната фаза од бременоста, но побара помош од синдикатот на играчи во Франција, а подоцна и од Светскиот синдикат (ФИФПРО), откако доби само дел од платите за кои верувала дека ѝ се должат.
– ФИФПРО ѝ честита на Сара Бјорк Гунарсдотир за успешното барање против Лион поради неуспехот на клубот да ѝ исплати целосна плата за време на бременоста. Задоволни сме што ѝ помогнавме да ја добие првата одлука од ваков вид откако прописите за мајчинство на ФИФА стапија во сила во јануари 2021 година. Исклучително е важно за фудбалерките и за женската игра овие задолжителни регулативи за породилно да се спроведуваат на национално ниво – пишува во соопштението на ФИФПРО објавено преку официјален профил на Твитер, пренесува „Скај спорт“.