Според податоците на Европската фудбалска унија до вчера, во 16-те најдобри екипи сезонава во Лигата на шампионите има вкупно 16 нови фудбалери, а заминале 12-мина. Интер, Милан, Порто и Тотенхем досега немаат ниту нови ниту фудбалери што заминале од клубот

ФУДБАЛ – НЕКОЛКУ ДЕНА ПРЕД ЗАВРШУВАЊЕТО НА ЗИМСКИОТ ПРЕОДЕН РОК

Половина од осминафиналистите во Лигата на шампионите не ангажираа ниту еден нов фудбалер во јануарскиот, зимски преоден рок, според податоците објавени на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА). Зимскиот преоден рок трае до крајот на месецов.
Така, според досегашните податоци на Европската фудбалска унија, со исти тимови во осминафиналето можеби ќе настапат италијанските Интер и Милан, англиските Манчестер сити и Тотенхем, германскиот Лајпциг, францускиот Пари сен Жермен, португалскиот Порто и шпанскиот Реал Мадрид, кој е и актуелен европски првак. Од овие осум клуба, Интер, Милан, Порто и Тотенхем досега во годинашниот зимски преоден рок немаат ниту фудбалери што заминале од клубот.
По еден нов фудбалер засега имаат ангажирано Ливерпул (Англија), Клуб Бриж (Белгија), Борусија Дортмунд (Германија) и Наполи (Италија), а по двајца пристигнаа во германските фудбалски бундеслигаши Баерн и Ајнтрахт Франкфурт итн.
Најмногу нови фудбалери во однос на есенскиот дел од континенталната клупска сезона во Лигата на шампионите има англискиот премиерлигаш Челси, кој ангажирал шестмина, и тоа Давид Датро Фофана (Молде), Беноа Бадијашил (Монако), Андреј Сантос (Васко де Гама), Жоао Феликс (Атлетико Мадрид, на заем), Михаило Мудрик (Шахтер), Нони Мадуеке (ПСВ Ајндховен). Од европскиот првак од 2021 година, Челси, досега не замина ниту еден фудбалер.
Според податоците на Европската фудбалска унија до вчера, во 16-те најдобри екипи сезонава во Лигата на шампионите има вкупно 16 нови фудбалери, а заминале 12-мина.

На 16-те клуба им е дозволено да пријават најмногу тројца нови играчи што ги исполнуваат условите во текот на зимскиот преоден рок. Не е важно дали тие играчи веќе играле во натпреварувањето за друг клуб, па дури и за друг клуб што уште е во конкуренција во истото клупско натпреварување (во случајов Лигата на шампионите), а клубовите мора да ги соопштат своите промени во составот најдоцна до 2 февруари, пишува Европската фудбалска унија.
Според податоците на британскиот весник „Гардијан“, пак, во јануарскиот преоден рок во најсилните пет домашни фудбалски првенства (во Англија, Италија, Франција, Германија и во Шпанија) се направени 262 трансфера за кои се вложени вкупно 484,8 милиони фунти. Според податоците на „Гардијан“ од ланскиот јануарски преоден рок, пак, во најсилните пет домашни првенства во Европа биле направени 715 трансфери на фудбалери, за вкупно 634,6 милиони фунти.
Во осминафиналето на Лигата на шампионите (од 14 до 22 февруари се првите мечеви, а од 7 до 15 март на програмата се реваншите) ќе играат Пари сен Жермен – Баерн, Милан – Тотенхем, Клуб Бриж – Бенфика, Борусија Дортмунд – Челси, Ливерпул – Реал Мадрид, Ајнтрахт – Наполи, Лајпциг – Манчестер сити и Интер – Порто.