Клоп досега победи на 538 од неговите 1.000 натпревари како тренер, губејќи само 222 од нив. Неговиот процент на победи се подобрува во секој клуб, во Мајнц победи во 40,4 отсто од натпреварите, во Борусија Дортмунд 56,4, а во Ливерпул има 60,6 отсто стапка на победи

ФУДБАЛ

Јирген Клоп го имаше својот 1.000-ти натпревар како тренер кога Ливерпул дома ремизира со Челси во саботата, а германскиот стручњак уживаше во многу моменти во досегашниот тек на кариерата. Неговата тренерска кариера трае 23 сезони, во три клуба, во две земји, а освои три домашни титули и трофеј во Лигата на шампионите. „Би-би-си“ погледна што велат бројките за неговата тренерска кариера.

КОЛКУ Е УСПЕШНА ТРЕНЕРСКАТА РАБОТА НА КЛОП?

Едноставно, Клоп се покажа како успешен тренер. Тој досега победи на 538 од неговите 1.000 натпревари на чело на тимовите, губејќи само 222 од нив, а речиси половина од тие победи дојдоа додека е на чело на Ливерпул. Неговиот процент на победи се подобрува во секој клуб. Така, додека беше во Мајнц, каде што го презеде тимот во Втората лига на германскиот фудбал, победи во 40,4 отсто од натпреварите. Во Борусија Дортмунд тоа напредуваше на 56,4 проценти од натпреварите, а во Ливерпул тој повторно го подобри тој сооднос со 60,6 отсто стапка на победи.
Клоп првпат се прослави во Германија кога ја оркестрира промоцијата на Мајнц во Бундес-лигата првпат во историјата на клубот, во 2004 година. Тој подоцна освои две титули во Бундес-лигата и домашниот куп со Борусија Дортмунд, пред да го води Ливерпул до европска слава во 2019 година и титулата во Премиер-лигата една година подоцна. Во минатата сезона тој првпат освои двојна круна во домашните купови со Ливерпул, кревајќи ги и трофеите во ФА-купот и во Лига-купот, а „црвените“ победија на 46 од 63 натпревари што ги одиграа во сезоната 2021/2022.
Ливерпул, кој по мечевите во саботата е на осмото место на табелата во Премиер-лигата, нема пласман надвор од најдобрите четири тима во лигата од првата сезона на Клоп на чело на Ливерпул во сезоната 2015/2016.

ОМИЛЕНИ РИВАЛИ

Саботниот ривал Челси му е добро познат на Клоп. Со нив се соочил 20 пати, шест победил и има 10 нерешени. Повеќепати нема реми против друг тим. Тие одиграа две нерешени 0-0 во Лига-купот и во финалето на ФА-купот во минатата сезона, Ливерпул ги доби двете средби на пенали, а ремизираа и на двата премиерлигашки дуела.
Негов омилен противник е Фрајбург, од кој загуби само двапати на 18 натпревари, а победи и на 10 од неговите 17 средби со Тотенхем, губејќи само еднаш. Клоп се соочи со Баерн повеќе од со кој било друг тим и загуби повеќе натпревари од него од кој било друг, 16 од 31.
Клоп и Пеп Гвардиола имаа долгогодишно ривалство, Германецот играше со шефот на Манчестер сити повеќе отколку со кој било друг тренер. Додека беше на чело на Борусија Дортмунд, Клоп победи на три од осумте средби со Баерн на Гвардиола. Сега во Ливерпул, Клоп победи на осум од 19 натпревари против Сити на Гвардиола. Вкупно, Клоп победи на 11 од 27 натпревари против тимови на Гвардиола, нема повеќе победи против друг тренер, но нема ниту порази, вкупно девет.
Клоп допрва треба да загуби натпревар кога слави јубилеј. Тој победи на своите мечеви број 200, 300, 400, 500 и 600 како тренер, ремизирајќи со Челси на 800-от и на илјадитиот.

ПОБЕДИ, ГОЛОВИ…

Клоп остави свој белег во Ливерпул со интензивен напаѓачки фудбал со висок пресинг. Петте натпревари со највисоки резултати во кои учествувал биле сите за периодот на неговото време во клубот, со нерешениот резултат 5-5 со Арсенал во 2019 година на врвот на листите. Најголемата победа на Клоп беше победата на „црвените“ со 9-0 против Бурнемут во Премиер-лигата, во август.
Неговите тимови постигнуваат голови и во Лигата на шампионите, па Борусија Дортмунд и Ливерпул постигнаа вкупно 205 гола на 100 европски натпревари, победувајќи на 58 од нив.
Најплодните напаѓачи на Ливерпул под водство на Клоп ги вклучуваат Роберто Фирмино, Мохамед Салах и Садио Мане, сите одиграа повеќе од 250 настапи во неговите тимови и се во првите седум на неговата листа со играчи што најмногу пати ги ставал во тимот.
Трофеите се појавија во сезони што се издвојуваат. Во текот на сезоната 2019/2020, кога го водеше Ливерпул до титулата во Премиер-лигата, тимот загуби само осум меча во сите натпреварувања, исто толку порази што веќе ги претрпеа сезонава. Борусија Дортмунд загуби само шест, а потоа седум натпревари во последователни сезони кога ги освои титулите во Бундес-лигата под водство на Клоп во 2011 и во 2012 година.

КОЈ НАЈМНОГУ ИГРАЛ ЗА КЛОП?

Ливерпул во саботата играше без напаѓачот Фирмино поради повреда, но Бразилецот е најстандардниот играч на Клоп, кој настапил на 341 од неговите вкупно 1.000 натпревари како тренер. Играчот од средниот ред на „црвените“, Џејмс Милнер, е единствениот друг играч што надмина 300 натпревари за Клоп (302). Невен Суботиќ играше под водство на Клоп во Мајнц и во Борусија Дортмунд 282 пати, а поранешниот голман Роман Вајденфелер беше најкористениот играч на Клоп во Борусија Дортмунд, почнувајќи ги сите 280 натпревари под водство на Германецот. Харви Елиот од Ливерпул е најмладиот играч што Клоп го избрал во тимот (16 години и 174 дена), а поранешниот дефанзивец на Мајнц, Питер Нојстатер е највозрасниот (37 години и 176 дена).