Шпанија, Франција и Шведска имаат по три победи од три меча во првите две групи. Дуелите во групите три и четири се играа синоќа
РАКОМЕТ – СП 2023 ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА
Првото коло во втората групна фаза на 28. ракометно Светско првенство (СП) во Полска и во Шведска, во групите еден и два, ги дадоа и првите одговори за шансите на селекциите што се тркаат за пласман во четврт-финалето. Во групата еден, во Краков, кодомаќинот Полска ги загуби шансите за влез меѓу најдобрите осум селекции, откако загуби од досега перфектната Шпанија (23-27). Франција, исто така, забележа нова победа, против Црна Гора, зголемувајќи ги своите шанси за влез во четврт-финалето, каде што ќе играат по две првопласирани селекции од четирите групи. Во групата два, кодомаќинот Шведска уште еднаш блескаше со нов триумф, над Унгарија (37-28) и е на чекор до осумте најдобри. Португалија и Бразил ќе мора да одиграат подобро во другите дуели, откако ремизираа меѓу себе (28-28). Дуелите во групите три и четири се играа синоќа.
Во Претседателскиот куп, во кој настапуваат репрезентациите што беа четвртопласираните од сите осум групи во првата фаза, во трката за пласман од 25-то до 31-то место, во групата еден Јужна Кореја го совлада Уругвај (37-30), а Чиле беше подобар од Саудиска Арабија (26-23). Македонската репрезентација натпреварите ги продолжи вчера во Президент-купот, со Алжир, утре е дуелот со Мароко (18 ч.), а в понеделник со Тунис (18 ч.).
Во првата групна фаза беа постигнати 2.754 гола на 48 натпревари или во просек по 57,3 гола по натпревар. Во втората фаза има селекции од пет континенти. По натпреварите во средата, на врвот на листата на стрелците изби левиот бек на Чиле, Ервин Фојхтман, со 30 гола на четири меча, а веднаш зад него се левото крило на Исланд, Бјарки Мар Елисон, и десниот бек на Црна Гора, Бранко Вујовиќ, и двајцата со по 28 погодока.
На 48-те одиграни натпревари во првата групна фаза на СП присуствуваа вкупно 240.370 гледачи на 48 меча или во просек по 5.006 по натпревар. Групата Х беше најгледана, а поединечно, натпреварот во второто коло помеѓу Данска и Белгија (12.426). Трите натпреварите на кои играше Македонија во Краков ги проследија вкупно 9.562 гледачи (во просек 3.187 по меч). Г.И.