За да се види убавината на ѕуницата, најпрвин мора да се почувствува дождот

Ова што евроамбасадориве отидоа комплетно вака до Охрид можеби и не беше случајно. Ќе отидат до Охрид, ќе се иструцкаат патем, ама кога ќе мора да испратат извештај во матичните земји, сите ќе потенцираат дека патот бил ужасен, дека се изнамачиле за да ја видат таа божја убавина. Па, ако може секоја од земјите, кој колку може, да ни припомогне некако да го завршиме патот, да не си ги кршат скапите дипломатски коли кога ќе присакаат да отидат до Охрид во иднина

Шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, амбасадорот Дејвид Гир, и амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во земјава беа во посета на Охрид. Фокусот на посетата, како што соопштија од Делегацијата на ЕУ, бил ставен на зачувување на уникатното природно и културно наследство на Охрид признаено од УНЕСКО, заедно со промоција на туризмот, иновациите и економските можности во регионот.
Така приближно почнуваа вестите со кои јавноста се информираше за оваа посета. И убаво е што европските претставници отишле до Охрид, имало што и да видат, а најверојатно на повеќето од нив не им било ниту првпат да отидат во „македонскиот Ерусалим“, како што сакаме да го нарекуваме градот со кој сите се гордееме. Но од вестите не разбравме дали можеби амбасадорите ги придружувал некој претставник од нашата влада, за и патем да им раскаже на амбасадорите за другите убавини и неубавини на Македонија. Да се обиде, на пример, да им објасни како и зошто не е готов автопатот Кичево – Охрид, кој се гради којзнае колку години веќе.
Но изгледа амбасадорите отпатувале во Охрид сами, па и овој пат сами мора да ја откриваат вистината. Што, по сѐ изгледа, ќе им влезе во описот и пописот на работните обврски овде. Впрочем, да не се лажеме, и тие многу добро ја знаат вистинската приказна околу автопатот, со сите попатни епизоди. Колку и да се обидува некој да ја разубавува приказната, таа е една и единствена.
Да, се разбира, единствена, уникатна македонска приказна, иако ниту други нации не се имуни на предизвиците што се неизоставен дел од такви слични приказни, само во различно пакување.

Секоја држава сака својата срамота да ја спакува во поинаква амбалажа. Но она што е најболното во таквите приказни е што не се работи за срам на цела нација, туку срамот, односно лакомоста е само кај дел, односно кај луѓето што се во најблизок допир со проектот што треба да се реализира. Е, сега, кој колку длабоко ќе бркне во грнето, тоа е веќе оставено на совеста на поединецот. Како што е оставено на совеста на јавноста колку ќе сака за тоа да зборува и да го оцрни, но пред сѐ е тоа задача на правосудните органи да утврдат има ли вистина во гласините за наводни злоупотреби во големите државни проекти и да го спроведат законот брзо и ефикасно. Ако има вистина, да ги стави виновниците каде што им е местото, а ако нема да им ги затне устите на оние што непотребно кревале врева.
Но, ќе повторам, така е во земјите од каде што дојдоа амбасадорите што се упатија од Скопје до Охрид, а потоа и се вратија по истиот пат.
Кај нас сѐ уште е малку поинаку.

Кај нас со години се натегаме кој е повеќе виновен, додека машините и работниците дремат крај трасата на она што веќе требаше да биде готов автопат. Политичките партии мислат дека добиваат којзнае какви поени со тоа што го обвинуваат својот опонент дека сторил помалку, ставајќи го својот дел на пиедестал. За жал, на обичниот патник што секојдневно минува низ катастрофалната делница Кичево – Охрид, тоа малку му значи. Тој и натаму мака мачи, обидувајќи се да ги избегне сите стапици што му ги нуди коловозот.
Изненадувачки е што обвинителството или другите надлежни служби не гледаат никаков проблем што работата се развлекува до бескрај, а ние наместо да почнеме да го враќаме кредитот од средствата собрани од патарини, ние и понатаму ќе го празниме буџетот отплаќајќи ги кредитот, затезните камати, пеналите и сѐ што оди со тоа.
И сега вака, додека го пишувам текстов, се наоѓам во недоумица. А тоа што евроамбасадориве отидоа комплетно вака до Охрид можеби и не беше случајно. Виделе луѓето дека не ја бива работава, не можеме сами да се справиме со проблемов, па решиле да направат последен обид да ни помогнат. Ќе отидат до Охрид, ќе се иструцкаат патем, ама кога ќе мора да испратат извештај во матичните земји, сите ќе потенцираат дека патот бил ужасен, дека се изнамачиле за да ја видат таа божја убавина. Па, ако може секоја од земјите, кој колку може, да ни припомогне некако да го завршиме патот, да не си ги кршат скапите дипломатски коли кога ќе присакаат да отидат до Охрид во иднина. Ак се мојт.
И си велам, верно ли е ова или јас пак сонувам. Ова грипов ме сотре и почнаа да ми се привидуваат работи. Ама оваа би сакал да е вистинита. Ако може.