Во Бугарија во тек е истрага против организирана криминална група поради трансакции направени од криптобанката Нексо.
– Во тек е истрага против организирана криминална група со глобална меѓународна криминална активност која влијаела на интересите на граѓаните од различни земји. Трансакциите направени преку криптобанката Нексо во период од пет години изнесуваат 94 милијарди долари – изјави Сијка Милева, портпарол на јавниот обвинител.
Според неа, групата работи од 2018 година и е формирана со „профитен мотив за даночни кривични дела, перење пари, компјутерска измама, банкарска дејност без лиценца“.
Таа посочи дека во случајот на предистражната постапка, Бугарија ќе соработува со меѓународни експерти и ќе мора да биде ангажиран независен меѓународен ревизор за детално да ја проучува активноста на криптобанката.
Додаде дека обвинителството со своите постапки не цели кон политички ефект, а предистражната постапка не се занимава со тоа кој какви донации дал.