Низ страниците на македонската литература за деца
За една Нова година, Бојан доби елка. И тоа со земја на коренот, штотуку откорната.
– Колку е убава, колку е зелена! – се радуваше тој.
Но исто такви елки добија и други деца што живееја во зградата.
Кога замина Нова година, Бојан се подзамисли. Што ќе се случи со елката? И до кога ќе ја чува во собата?
– Не ќе може долго да издржи – му рече чичко Бранко.
– Ајде да ја посадиме во дворот на зградата – предложи Бојан.
– Добро се сети! – му одговори тој. – И јас помислив на тоа.
Така, елката на Бојан заживеа во паркот на зградата. А луѓето ја гледаат и величат:
– Колку е убава елката на Бојан! Добро ќе беше да има и други вакви дрвја. Дворот ќе биде уште поубав и позелен.
Но, сега, само неговата е најубава и најзелена. Двајцата заедно растат.
А новогодишните елки на другите деца одамна веќе се суви.
Горјан Петревски (Од книгата „Рано дојде љубовта“)
Патот на новогодишната елка
Елката в шума,
дури не ни сонува
дека во декември
во нечиј дом
ќе домува.
Пред Нова година,
на пазарите,
во продавниците,
децата и родителите
стрпливо избираат
и на елката ѝ се радуваат.
Таква елка во саксија
патува во нечиј дом
и живее живот нов.
Децата ја чуваат,
ја негуваат,
со светулки и лампиони
сета ја накитуваат.
Најубава е елката кога
украсена и
осветлена стои
и последните минути
од старата година
ги брои.
Славењето на
Нова година
неколку дена трае,
а по раскитувањето
– се знае,
елката в шума ќе ја
засадат,
од саксија в земја ќе ја
пресадат.
Таа ќе ги напушти
дечињата,
ќе ја дочека
пролетта
меѓу тревките
и цвеќињата.
Догодина
друга млада
елка
ќе патува
пак така,
но штом
децата се
радосни,
елките
патуваат
без мака.
Филип Димкоски (Од книгата „Заедно да растеме“)