Странците кои живеат во Германија повеќе нема да мора да се откажуваат од своите пасоши за да добијат германско државјанство, а можат да аплицираат по само пет години престој во земјата според новите правила што ги подготви Министерството за внатрешни работи.
До нацрт-документот дојде германската новинска агенција ДПА.
Во коалицискиот договор, владата на социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц се согласи да воведе „современ закон за државјанство“ во 2021 година.
Други аспекти на реформата вклучуваат олеснување на барањата за германски јазик за одредени групи и укинување на тестот за државјанство за оние над 67 години.
Во моментов, странците мора да живеат во Германија до осум години пред да можат да аплицираат за државјанство.
Според споменатиот нацрт, намалениот период од пет години може дополнително да се скрати доколку кандидатите покажат дека се добро интегрирани, на пример со извонреден успех на училиште или на работа, волонтерска работа или особено добри јазични вештини.
Децата родени во Германија чии родители се странци ќе можат да имаат двојно државјанство.
Промените се дел од широката реформа на миграциската и интеграциската политика на Германија, спроведена од коалицијата на Социјалдемократите, Зелените и либералната Слободна демократска партија.
Неможноста да се задржи старото државјанство при добивањето на германското се смета за најголема пречка за зголемениот упис на странците, кои подолго време живеат во Германија, во регистарот на германски државјани.