Шефовите на влади или држави на земјите-членки на Европската Унија на денешниот самит ја потврдија препораката на Европската комисија и на Босна и Херцеговина и доделија статус на кандидат за членство во ЕУ.
Лидерите од членките на Унијата, денеска без дискусија ја потврдија препораката која пред два дена ја договорија министрите за европски прашања Босна и Херцеговина да добие статус на земја кандидат за членство во Европската унија.
Пред состанокот на министрите за европски прашања во вторник во Брисел, хрватскиот и грчкиот премиер Андреј Пленковиќ и Киријакос Мицотакис испратија писмо до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен во кое ја истакнаа силната поддршка за европската интеграција на Босна и Херцеговина.
Пратеничката во Европскиот парламент Жељана Зовко, која ја поздрави одлуката на претставниците на ЕУ, потврди дека Европскиот совет донел таква одлука.
– Босна и Херцеговина официјално доби кандидатски статус за членство во Европската Унија. По препораката на Комисијата од октомври, шефовите на држави или влади на ЕУ и доделија кандидатски статус на БиХ за време на самитот на Советот на ЕУ во Брисел – посочи Зовко.
Пратеничката во Европскиот парламент Жељана Зовко, која е и потпретседателка на Комитетот за надворешни работи на ЕП и дел од пратеничката група на ЕПП и Делегацијата на ЕП за односи со Косово и Босна и Херцеговина, ја поздрави оваа историска одлука. „Босна и Херцеговина стана потенцијален кандидат за членство во Европската Унија во 2003 година, а во 2016 година поднесе барање за кандидатура“, беше објавено на страницата на европратеничката Жељана Зовко.
Како што беше претходно нагласено во препораката, од Босна и Херцеговина се бара да работи на реформите, како и да ги исполни 14-те приоритети на Европската Комисија, кои Босна и Херцеговина ги доби во 2019 година.
– Ова вклучува мерки за зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал и управувањето со миграцијата. Реформските приоритети главно се однесуваат на 14-те приоритети презентирани од Европската комисија во 2019 година – се наведува во одлуката на Европскиот совет.