Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека долгот кон ЕВН за неплатени сметки за струја на државни институции ќе биде подмирен веднаш штом во Собранието ќе помине пренамената на средствата во Буџетот за таа намена. Истовремено, тој порача дека не треба никаква друга гаранција дека тоа ќе се исполни, бидејќи веќе го најавија и премиерот Димитар Ковачевски и други членови на Владата.
– Сметам дека веќе во овој момент во „Железници Транспорт“ има струја. Владата не е ниту договорна, ниту облигациска страна кон ЕВН и ако ЕВН не сфаќа дека Владата не е тука страна која дава гаранции, тогаш ЕВН има навистина проблем со толкување на нивното функционирање во нашата држава. Премиерот, вицепремиерот и министерот за финансии кажаа дека ќе се платат долгови кон ЕВН и тоа е сосема доволно за било кој економски оператор да сфати дека тоа е Влада и држава и оти не треба никакви други гаранции – рече вицепремиерот Битиќи во одговор на новинарско прашање зошто досега Владата не испратила гаранција до ЕВН дека ќе го подмири долгот, откако изутрина беше исклучена струјата во „Железници Транспорт“.
Штом помине пренамената во Буџетот, дополни Битиќи, ќе биде подмирена обврската онолку колку што има можност да се подмири.
Според него, не е вистина дека државните институции со години не плаќале струја, туку, како што посочи, само имале потешкотии во плаќање заради промената и енергетската криза.
– Буџетските средства биле планирани толку колку што имале во буџетот си плаќале, но разликата на цена која што е појавена заради целосното зголемување на цената заради енергетската криза секако не можеле да го подмират. Тоа го правиме во овој момент. Им кажавме дека – да, соодветно ќе одговориме, соодветно ќе бидат платени. Секако, велиме, тоа се јавни претпријатија во државна сопственост, долговите државата не вели дека нема да бидат исплатени како што стои и има опција, нели, според Законот за облигациски односи и со граѓаните за репрограмирање на долгови итн. истото правило може да важи и овде. Ништо повеќе не се дава – рече Битиќи по учеството на Форумот за филантропија.
Претходно од „ЖРСМ Транспорт“ потврдија дека е исклучена струјата во депото во Лисиче во Скопје и во објектите во Велес. Оттаму најавија дека исклучувањето на струјата ќе повлече и прекин на сообраќајот што ќе се случи откако ќе биде потрошена нафтата во возовите. Без објектите каде е исклучена струјата, појаснуваат, не може да функционира претпријатието, бидејќи тука се снабдуваат возовите со нафта, а пумпата работи на струја.
Според последните информации, „ЕВН Македонија“ побарува од „ЖРСМ Транспорт“ над 400 милиони денари за електрична енергија.
ЕВН има даде рок до 15 овој месец на повеќе институции да го платат долгот за потрошена електрична енергија, меѓу кои се и Клиничкиот центар и „ЖРСМ Транспорт“ и други.