Светската здравствена организација (СЗО) и здравственото тело на ЕУ (ЕДЦД) повикаа на будност, по зголемениот број сериозни заболувања кај децата по стрептококни инфекции од групата А.
Во денешната заедничка изјава двете тела посочуваат дека Франција, Ирска, Холандија, Шпанија, Шведска и Велика Британија оваа година пријавиле зголемен број случаи на инвазивна стрептококна инфекција од групата А кај деца под десетгодишна возраст.
Пријавени се и неколку смртни случаи кај истата возрасна група поврзани со стрептококни инфекции. Во Велика Британија и Франција, бројот тешки случаи е многукратно поголем отколку за истиот период пред пандемијата, се наведува во соопштението.
Стрептококните инфекции обично предизвикуваат само благи болести како што е шарлах, и може добро да се лекуваат со антибиотици. Но, во ретки случаи, тоа може да доведе до сериозни компликации.
Според прелиминарните наоди, експертите на СЗО не претпоставуваат дека зголемениот број случаи е предизвикан од нова варијанта на А-стрептококи. Најверојатно тоа не е последица ниту на отпорноста на антибиотици, туку се смета дека причина за акумулацијата е своевиден постпандемиски ефект.
Во заедничката изјава уште се посочува дека може да се очекуваат зголемен број тешки случаи, оттаму што во моментов циркулираат многу други вируси кои, во комбинација со стрептококи, даваат потешка клиничка слика.
Иако експертите на СЗО сметаат дека ризикот за пошироката јавност досега е низок, тие ги советуваат европските земји да бидат претпазливи при сличен развој на настаните.
Земјите треба „да ја зголемат својата будност, особено кога респираторните вируси се широко распространети меѓу децата,” изјави регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге.