Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лионел Меси, беше меѓу најзаслужните за пласманот на Аргентина во полуфиналето на Светското првенство по победата на Холандија на пенали од 4-3, откако возбудливиот меч заврши 2-2 по продолженија.
Меси извонредно асистираше за водечкиот гол на Нахуел Молина во 35-та минута, за потоа и самиот да погоди од пенал во 73-та минута, а беше прецизен од белата точка и во пенал-серијата. Одличниот Аргентинец стана фудбалер со најмногу асистенции во нокаут-фазата на мундијалите, со вкупно пет.
Холандија се врати по негативата од два гола со погодоците на резервистот Воут Вегхорст во 83-та минута и во 11-та минута од судиското дополнување за мечот да отиде во продолженија.
На теренот се водеше голема борба што може да се забележи според 48-те досудени прекршоци и вкупно 13-те жолти картони што ги додели шпанскиот судија Матео Лахоз.
Аргентинскиот голман Емилијано Мартинез во пенал-серијата ги одбрани ударите на Вирџил ван Дајк и на Стивен Бергхујс, додека кај Аргентина шут од 11 метри не успеа да реализира Енцо Фернандез. Резервистот Лаутаро Мартинез го погоди одлучувачкиот пенал за понатамошен пласман на јужноамериканската селекција.
Аргентинците во полуфиналето в вторник ќе се сретнат со Хрватска, која претходно беше подобра од Бразил, исто така на пенали.
Во преостанатите два четвртфинални дуели утре ќе играат Португалија – Мароко (16 ч.) и Франција – Англија (20 ч.).