ТЕНИС

Македонскиот тенисер Калин Ивановски ја освои третата титула во кариерата во поединечна конкуренција, според податоците на Интернационалната тениска федерација (ИТФ), откако вчера победи на турнирот во Мадрид (се играше на тврда подлога, за вкупен награден фонд од 15.000 долари).
Тој во финалето го совлада британскиот тенисер Марк Вајтхаус, со 6-4 и 6-2, и само со еден загубен сет на петте меча стигна до титулата. Претходно Ивановски победи на турнирите во Грција и во Тунис.
На турнирот во главниот град на Шпанија, Ивановски беше петти носител, а Вајтхаус беше четврти. Триумфот се очекува да му донесе нов напредок на Ивановски на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), на која минатата недела беше на 627-то место.