Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе одлучи дали ќе оди на Самитот на Европската Унија и Западен Балкан на 6 декември во Тирана, изјави денеска министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој рече и дека во однос на предлозите за решение на односите со Приштина, кои се „ставени пред Србија“, „треба да почекаме и да видиме“, јави белградска Н1.
– Секој договор што не го подразбира Косово како независна држава и неговото признавање, односно членството во Обединетите нации, е добра тема и основа за понатамошна дискусија – рече Дачиќ.
Тој додаде дека Србија затоа е далеку од некој дефинитивен предлог, но „јасно кажа кои се нејзините црвени линии“.
– Подготвени сме да разговараме, важно е да учествуваме во разговорот. Србија е конструктивна и претставниците на меѓународната заедница го гледаат тоа – рече Дачиќ.
Тој оцени да фактот што меѓународната заедница зборува за Србија на сосема погрешен начин и „не сакајќи Приштина да се налути“ ја покажува „необјаснивата ирационална врска меѓу некои западни земји и нивното дете“ – Косово.
Вучиќ неделава изјави дека е подготвен да ја разгледа можноста за промена на одлуката да не патува во Тирана, на Самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан и ЕУ. Пред тоа рече дека никој од Србија нема да присуствува на состанокот поради одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да го назначи Ненад Рашиќ за министер за заедници и враќање во Косово и поради реакцијата на ЕУ на таа одлука, која Белград ја оцени како блага.