Проблемите со кои деновиве се соочи болницата, односно вработените и пациентите се од објективни причини. Стануваше збор за сериозен дефект на главната цевка од водоводната мрежа. На санирање на дефектот се работеше темелно со целосна реконструкција и изградба на нова водоводна мрежа од околу 200 метри за котларата – првпат од нејзината изградба, со што беа создадени услови и парното греење во болницата е вклучено. Ова го изјави денеска на прес конференција Кети Смилеска, директор на прилепската болница „Борка Талески“.
Според неа во соработка со Министерството за здравство, се намалува недостиг на лекари, но менаџментот преку студиозен пристап го решава проблемот со нови специјализации.
– Имаме 42 лекари испратени на специјализации и 8-мина на субспецијализации. Јавноста треба да знае дека времетраењето на лекарските специјализации е пропишано со посебни правилници. Тоа е еден долготраен процес на едукација на лекарскиот кадар во времетраење од 4 до 6 години. Нашите специјализанти како ќе го завршуваат своето доусовршување етапно ќе се враќаат и ќе се стават на располагање во болницата како нивна матична установа. Пациентите ќе бидат згрижувани и лекувани од млад и едуциран лекарски кадар – рече Смилеска.
Основната премиса во работата на болницата е почитување на законските прописи.
– Нема поправки на приватни коли на сметка на болницата, како што било порано, нема непочитување на процедурите за набавка на мазут, заради што има и соодветни кривични пријави за предмет по кој постапува Јавното обвинителство. Со навременото планирање обезбедиме 25 тони мазут во август и 30 тони во септември, а се обезбедуваат дополнителните 25 тони мазут, со што сметаме дека ќе обезбедиме доволни количества од енергенсот за непречено затоплување на целата болница., во која во функција е и магнетната резонанца, која можат да ја кроистат околу 120.000 жители од регионот – посочи Смилеска на денешната прес конференција во болницата „Борка Талески“ во Прилеп.

Ка.М.