Фото: Игор Бансколиев

Шпанија на годинашното СП по две кола постигна осум гола, од нив три постигнаа играчи што влегуваа во игра во второто полувреме, и тоа еден Солер и два Мората, кој, пак, има и една асистенција, за вкупно 71 минута игра

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Од досегашните 73 гола постигнати по некомплетното второ коло (по 29 натпревари) на Светското првенство (СП) во Катар, за 18 погодока стрелци од 14 репрезентации беа фудбалери што во игра влегуваа од клупата за резервни играчи, а многу од нив беа решавачки за исходот на мечевите. Еден фудбалер води на таа листа на стрелци со два погодока, а еден селектор, пак, досега имаше најголема помош од клупата.
Серијата „резервни“ голови ја почна Дејви Класен во првото коло, за репрезентацијата на Холандија, на натпреварот со селекцијата на Сенегал, за поставување на конечниот резултат на тој дуел, 2-0. Два гола постигнаа англиските резервни фудбалери Маркус Рашфорд и Џек Грилиш, но два гола од фудбалери што во игра влегоа од клупата за резервни играчи за пресврт и за победа донесоа Ритсу Доан и Такума Асано за репрезентацијата на Јапонија, на натпреварот со селекцијата на Германија, за 2-1.
Репрезентацијата на Шпанија на годинашното Светско првенство по две кола постигна вкупно осум гола, а од сите селектори на Мундијалот, кормиларот на Шпанија, Луис Енрике, досега имаше најголема помош од резервните фудбалери, откако три гола постигнаа играчи што влегуваа во игра во вторите полувремиња на натпреварите со селекциите на Костарика и на Германија.
Од нив најефикасен резервен фудбалер досега на Светското првенство во Катар е Алваро Мората со два гола (за репрезентацијата на Шпанија погоди и Карлос Солер на натпреварот со Костарика). Мората прво ја затресе мрежата на средбата со селекцијата на Костарика, а потоа се запиша во листата на стрелците и на дуелот со Германија.
Згора, Мората, покрај двата гола, запиша и една асистенција, на средбата со Костарика, и е своевиден МВП (најкорисен играч) меѓу резервните фудбалери, а и вкупно, според времето поминато на теренот на овој Мундијал, откако тој за вкупно 71 минута игра постигна два гола и забележа една асистенција.
Средбата Шпанија – Германија, 1-1, пак, е единствената досега на годинашното Светско првенство на која голови постигнаа само резервни фудбалери, откако стрелец на погодокот за Германија беше Никлас Филкруг, кој во игра влезе во вториот дел од натпреварот.


ДЕНЕСКА ПОЧНУВА РАСПЛЕТОТ ЗА ПЛАСМАН ВО ОСМИНАФИНАЛЕТО
За одредување на пласманот во групата може да решава и ждрепка

Со денешните натпревари почнува третото, решавачко коло за пласман во осминафиналето на фудбалското Светско првенство во Катар. До петок ќе се играат по четири меча дневно во два термина, по две средби од 16 и од 20 часот (во исто време ќе почнуваат средбите од една група).
Денеска ќе има расплет во групите А и Б. Во групата А за пласман на првите две места на табелата се тркаат Холандија, Еквадор и Сенегал, а во групата Б, Англија, Иран, САД и Велс.
Во случај две или повеќе репрезентации да имаат ист број бодови прво решава вкупната гол-разлика во групата, потоа вкупно постигнатите голови, а потоа меѓусебниот резултат на израмнетите репрезентации, гол-разликата меѓу селекциите со ист број бодови, бројот на голови постигнати во меѓусебните средби, ферплејот (негативни поени за секој жолт или црвен картон) и извлекување ждрепка. По две кола, на пример, Холандија и Еквадор имаат по четири бода и идентична гол-разлика (3-1), па тие на табелата се раздвоени според ферплејот (Холандија е прва со минус еден поен, Еквадор е втор со минус три).


СП 2022, ВТОРО КОЛО

Катар – Сенегал 1-3
Холандија – Еквадор 1-1
Група А, табела: Холандија и Еквадор по четири, Сенегал три, Катар без бодови.
Велс – Иран 0-2
Англија – САД 0-0
Група Б, табела: Англија четири, Иран три, САД два, Велс еден бод.
Аргентина – Мексико 2-0
Полска – Саудиска Арабија 2-0
Група Ц, табела: Полска четири, Саудиска Арабија и Аргентина по три, Мексико еден бод.
Тунис – Австралија 0-1
Франција – Данска 2-1
Група Д, табела: Франција шест, Австралија три, Данска и Тунис по еден бод.
Јапонија – Костарика 0-1
Шпанија – Германија 1-1
Група Е, табела: Шпанија четири, Јапонија и Костарика по три, Германија еден бод.
Белгија – Мароко 0-2
Хрватска – Канада 4-1
Група Ф, табела: Хрватска и Мароко по четири, Белгија три, Канада без бодови.
Камерун – Србија 3-3
Бразил – Швајцарија синоќа
Јужна Кореја – Гана синоќа
Португалија – Уругвај синоќа

ТРЕТО КОЛО, ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА
Еквадор – Сенегал 16 ч.
Холандија – Катар 16 ч.
Иран – САД 20 ч.
Велс – Англија 20 ч.


НАЈМНОГУ ГОЛОВИ ОД РЕЗЕРВНИ ФУДБАЛЕРИ

Шпанија 3
Англија 2
Јапонија 2
по некомплетно второ коло, на вкупно 29 меча на СП 2022