На фудбалските мундијали се редеа моменти што остануваат карактеристични за најголемиот единечен спортски настан во светот со милијарди гледачи, многу од нив се врежани во колективната фудбалска меморија, а некои ја кроеја и историјата на фудбалот. Од утре до 18 декември е време за создавање нови незаборавни моменти за спортскиот, за фудбалскиот свет. Во пресрет на овој мундијал разговаравме со повеќе македонски спортисти, тренери, новинари… за незаборавните моменти од светските првенства по нивен избор, а нашите соговорници ги посочија и своите фаворити на претстојниот мундијал
ФУДБАЛ – ВО КАТАР ПОЧНУВА 22-ОТ МУНДИЈАЛ
Фудбалските светски првенства (СП) се место за големи дела, незаборавни моменти, дриблинзи, голови, системи на игра, некои од нив ја кроеја и историјата на фудбалот. Возбудата почна со првиот планетарен шампионат, драмата со првото финале, кога првиот шампион дојде до титулата со пресврт. Потоа, во следните 20 светски првенства се редеа моменти што остануваат карактеристични за мундијалите, многу од нив се врежани во колективната фудбалска меморија. Светското првенство во Катар, 22-то издание на најголемиот единечен спортски настан во светот со милијарди гледачи, почнува утре, со натпреварот Катар – Еквадор, од 17 часот. До 18 декември, за кога е закажано финалето, тоа е време за создавање нови незаборавни моменти за спортскиот, за фудбалскиот свет. Во пресрет на овој мундијал разговаравме со повеќе македонски спортисти, тренери, новинари… за незаборавните моменти од светските првенства по нивен избор, а нашите соговорници ги посочија и своите фаворити на претстојниот мундијал.
– Секое СП се карактеризира со одредени моменти, кои секогаш останувале врежани во меморијата на фудбалскиот свет. Иако има и нови генерации што со успех чекорат на фудбалската сцена од сите страни на светот, сепак, би одделил три имиња, кои барем за мене се личности за сите времиња. Ференц Пушкаш беше предводник на онаа унгарска репрезентација, која на СП 1954 од раце го испушти трофејот. По водството со 2-0 во првите минути, дојде до пресврт и победа на Западна Германија со 3-2. Пушкаш настапи повреден, паузираше на претходните две средби, но затоа двата негови гола против Англија ѝ го отворија патот на Унгарија кон оваа завршница. Тоа беше време во кое Пушкаш, Цибор, Кочиш и другарите ја демонстрираа својата сила и покажаа дека и идните години ќе бидат опасни за сите на СП. Пеле, кој беше еден од најмладите дебитанти на СП во 1958 година во Шведска, уште во почетокот од својата кариера го одушеви светот. Неговата игра во која посебно беше изразено големото чувство за гол останува засекогаш запаметена. Тој, според мене, е првата личност на СП што учествуваше во три триумфа на Бразил. Диего Марадона по многу нешта беше поразличен од другите големи фудбалери.
Непредвидлив, самоуверен, без респект кон противникот газеше сѐ пред себе, па дури остана смирен, кога целиот свет го критикуваше за голот постигнат со рака на СП 1986, на кое Аргентина со победа со 3-2 над З. Германија стигна до пехарот. Но светските првенства не можам да ги заобиколам, а да не ја споменам и партиципацијата на македонските фудбалери во тогашната репрезентација на Југославија. Кирил Дојчиновски беше првиот Македонец на СП, во 1974-та, за дури 16 години подоцна да имаме двајца, Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ. Сепак останува вистината дека на ова СП Југославија можеше да стигне и до полуфиналето, но слабото изведување пенали против Аргентина, во кое не учествуваше специјалистот за удари од белата точка Панчев, не беше уфрлен во игра, што беше голема грешка, значеше елиминација на југословенскиот тим. На СП 2022, според мене, фаворити се Бразил и Германија, може да се вмешаат Аргентина и Србија – вели доајенот на македонското новинарство, Зоран Михајлов.
Некогашниот фудбалер на Вардар, Кочо Димитровски, издвои случки од неколку шампионати.
– Би ги издвоил финалето на СП 1982, кога Италија, која со три нерешени натпревари едвај ја помина групата, славеше во финалето со 3-1 над Западна Германија со најефикасниот на тоа СП, Паоло Роси со шест гола, потоа финалето во 1970 година, кога Бразил ја победи Италија со 4-1, и маестралната игра на Пеле, негативна дамка, кога Марадона на СП 1986 во дуелот со Англија постигна гол со рака, кој не го виде цел свет, сензационалниот пораз на Бразил на СП 2014 на свој терен во полуфиналето од Германија со 1-7… Генерално за мене најсилен впечаток досега на СП ми оставиле Бразил и Италија. Има многу кандидати за титулата, Аргентина, Бразил, Франција…, но типувам на Аргентина или Бразил – вели Димитровски.
Македонскиот тренер Горазд Михајлов посочува неколку моменти, репрезентации…
– Од минатите СП би ги издвоил тоталниот фудбал на Холандија на СП 1974, кога почна еден нов правец во фудбалот, несреќното испаѓање на Југославија на СП 1990 од Аргентина, кога сините последен пат настапија и беа најдобра селекција, потоа СП 1994, изненадувањето Бугарија и пеналот на Роберто Баџо, во 1998-та доминацијата на Франција и извонредната Хрватска… На претстојното СП, според мене, Бразил е главен фаворит, потоа Аргентина, Германија, Англија и Франција. Можно е некоја од африканските селекции да се замеша со пласман во четврт-финалето. Не очекувам нешто револуционерно како нов правец по кој би се движел фудбалот, но мислам дека репрезентацијата што ќе ја краси тимскиот дух може многу да постигне – вели Горазд Михајлов.
Зоран Карановиќ, генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија, селектира неколку случки на мундијалите
– СП 1982, кога Италија со затворен систем на игра едвај се протна во својата група и во финалето славеше над Германија, а, пак, Бразил играше најдобар фудбал, потоа изненaдувањето што го приреди Хрватска на СП 2018, кога го освои второто место и покажа дека и на Балканот се игра квалитетен фудбал, голот со рака на Марадона против Англија, исклучувањето на Зидан, и репрезентацијата на Бразил што доминираше до 1970 година, а потоа дојде талентираната селекција на Холандија на чело со Јохан Кројф. Фаворити, според мене, на СП 2022 се Бразил и Аргентина, но како изненадувања може да бидат Србија и Хрватска, ако настапат во најсилните состави – вели Карановиќ.
Ѓоре Јовановски, некогашен македонски селектор, издвои незаборавни моменти.
– Финалето на СП 1974, кога Холандија, иако поведе со 1-0 во првата минута, сепак, изгуби со 1-2, а истото тоа го доживеа во финалето и на следното СП. Таа генерација на Холандија мислам дека беше една од најдобрите што воопшто постоела во историјата на овој спорт. Таа селекција би ја споредил единствено со онаа на Бразил од 1970 година. Еден од најконтроверзните моменти е СП 1966, финалето Англија – Германија, поточно голот што го постигна Англија, дали топката била на линија или не, па дури и со денешнава технологија на ВАР, не знам дали тоа беше линија или не. Моментот кога еден од најкоректните фудбалери Зинедин Зидан, испровоциран од Марко Матераци, го удри со глава за што доби црвен картон. Големото изненадување и победата на Германија над Бразил со 7-1, односно познатиот германски менталитет дали е 1-0 или 5-0, тие играат до крајот да постигнат што повеќе голови. Ова ќе биде едно од најдобрите СП, оти сите досега беа во летниот период и е точно на средината на првенството и фудбалерите се во врвна форма. Едно е кога се игра во лето на 30 степени, а друго е сега кога ќе играш на 20 степени. Никогаш немало толку фаворити за титулата како што е ова СП во Катар. Тука се Германија, Бразил, Франција, Аргентина и други, но типувам на Аргентина. А како изненадување, ако има воопшто, тоа би можело да го направат Србија и Хрватска или, пак, барем да се квалификуваат во полуфиналето – вели Јовановски.
Неколку меча, голови, мундијали, финалиња… за паметење издвои доајенот на македонското новинарство, Миодраг Мицковиќ.
– Тие моменти би биле, поразот на Бразил од Германија со 1-7 на СП 2014, Голот на Марадона постигнат со рака против Англија во четврт-финалето на СП 1986, италијанскиот фудбалер Роси, кој беше најефикасен стрелец на СП 1982, титулата кога ја освои Уругвај на СП 1950, кога во финалето го победи домаќинот Бразил со 2-1 и финалниот меч на СП 1974, кога Холандија, која имаше многу квалитетна репрезентација, загуби од домаќинот со 1-2. Како фаворити за победничкиот пехар на СП 2022 би ги издвоил Бразил, Аргентина, Холандија и Германија, а како селекција што може да изненади Белгија – вели Мицковиќ. Г.И. / Г.М.