Олимпискиот шампион Франција без пораз се пласира во полуфиналето / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Се игра блиску до атомскиот ракомет што го практикуваат мажите. Репрезентациите што се пласираа меѓу четирите најдобри, со својата игра најмногу го покажаа тој прогрес на теренот, вели ракометниот стручњак Ристо Магдинчев. Денеска во полуфиналето ќе играат Данска – Црна Гора и Норвешка – Франција. Сите четири селекции досега биле европски прваци (Норвешка осум пати, Данска трипати, а Франција и Црна Гора по еднаш)

Данска – Црна Гора (17.45 ч.) и Норвешка – Франција (20.30 ч.) се полуфиналните двојки на 15. Европско првенство (ЕП) за ракометарки, кое се одржува во Словенија, Македонија и во Црна Гора, по натпреварите во главните групи еден и два, кои се играа во спортските сали „Стожице“ во Љубљана и „Борис Трајковски“ во Скопје. Од селекциите што се пласираа во полуфиналето најтрофеен е бранителот на титулата од 2020 година, Норвешка, со осум златни медали, три сребрени и еден бронзен. Данска има три злата и две сребра, Франција по едно злато и сребро и три бронзи, а Црна Гора едно злато.
Норвешка на претходните 14 европски првенства, 12 пати била полуфиналист, притоа дури 11 пати славела во полуфиналето, а еднаш загубила. Данска била осум пати полуфиналист, пет пати се пласирала во финалето. Франција пет пати била полуфиналист, а во финалето се пласирала двапати.
– На ова ЕП сме сведоци на огромен напредок во женскиот ракомет. Се игра блиску до атомскиот ракомет што го практикуваат мажите. Репрезентациите што се пласираа меѓу четирите најдобри, со својата игра најмногу го покажаа тој прогрес на теренот, беа најдобро техничко-тактички подготвени, со извонредна физичка подготвеност и одлична транзиција во нападот и одбраната и сметам дека нивниот пласман е сосема заслужен. Според прикажаното досега и константната форма што ја прикажува, без ниту еден пораз, Франција ја заслужува титулата европски првак – вели македонскиот ракометен стручњак Ристо Магдинчев.
Данска и Црна Гора досега не се сретнале во полуфиналето на некое ЕП, а Норвешка и Франција трипати ги одмериле силите и во сите три средби славеле скандинавките (во 2002 година со 21-16, во 2006 година со 28-24 и во 2016 година со 20-16). Во сите три случаи, пак, Франција по поразите од Норвешка го освојувала бронзениот медал. Г.И.


ЕП 2022, ПОЛУФИНАЛЕ

Данска – Црна Гора 17.45 ч.
Норвешка – Франција 20.30 ч.
МЕЧ ЗА ПЕТТО МЕСТО
Шведска – Холандија 15 ч.