Третоодделенците, заедно со наставничката Стојка Азманова, во дворот на родната куќа на Киро Донев во селото Моноспитово уживаа во овој уникатен час по лектира, за кој велат дека им бил најинтересен и највозбудлив досега

Сузана Мицева

Како изгледа час по лектира ако се обработува на отворено, во природен амбиент? И згора тоа да не биде кое било место, туку лично дворот на писателот чија лектира сте ја обработувале. Е, така си ја обработија својата лектира учениците од 3-б од основното училиште „Видое Подгорец“ од Струмица.

Си изнајмиле комби и заедно со учителката Стојка Азманова и неколку родители, целиот клас пристигна во Монспитово, родното место на писателот Киро Донев, таткото на книгата „Киндер квачка“. А таму, во сончевиот двор, писателот Киро Донев и сопругата Стојна направиле училница под ведро небо. Ги пречекаа дечињата со насмевка и со колачи, ги почестија и со сок и седнаа на час.

Учениците имаа многу прашања за книгата, за петелот Џинко, за Илчо. А Киро, трпеливо и духовито раскажуваше за сите случувања во книгата. Потоа, заедно отидоа во кокошарникот на Киро, да ги запознаат вистинските петли по кои е напишана приказната. Малите главчиња ѕиркаа љубопитно, а похрабрите влегоа во кокошарникот и се обидуваа да ги фатат петлињата.

А за време на оваа посета видоа и едно чудо – изум на Киро Донев. Тој направил дрво на кое растат тивки. Ќе речете тоа не е можно, но во дворот на Киро има и поголеми чуда. Затоа тој секогаш ги пишува најинспиративните приказни и песни. Ова октомвриско претпладне заврши со обиколка на огромната библиотека на писателот, сместена во поткровјето на семејната куќа. Децата едногласно изјавија дека овој беше највозбудливиот час по лектира.


Квачки озборувачки

Три кокошки,
кавгаџики – квачки,
три познати –
стари озборувачки,
во своите седела
си седеа
и вакви муабети си редеа:

„Видете го петелот Денко,
наперчен стар надуенко,
како маѓепсан на плотот стои
и ѕвезди среде пладне брои!“

Петелот ги слушна што велат
и какви прекари му делат,
па се сврте кон нив тој час
и закукурига на сет глас:

„Престанете, кавгаџики стари,
празна слама да тресете:
се фалете и перчите, божем –
сал златни јајца носете!

Јас си имам своја гордост!
Тенор-петел сум и од збор!
Секој сака да ме има мене
во својот кокошарник и двор!“

Се засрамија трите квачки,
сфатија дека грешат,
па решија, препирката –
на мирен начин да ја решат…

Едната од нив, покорно стана
и веднаш на глас почна да реди,
за тоа колку нивниот Денко
од сите е сакан и колку вреди!

А, Денко ја гледа, ја слуша
и гордо извива гуша…
Остана наперчен да стои
и среде бел ден ѕвезди да брои.

Киро Донев